
Кина утре наутро, по локално време, ќе го лансира вселенското летало „Шенжoу-24“, во коешто ќе се наоѓа и пакистански астронаут, Зишан Али.
Екипажот е составен од тројца членови: командантот Танг Хонгбо, инженер на летот Ву Ји и пакистанскиот стручњак за товар, Али. Неговото учество е дел од билатералната соработка во рамките на иницијативата на Пекинг – „Појас и пат“. Тој кратко ќе биде во кинеската вселенска станица „Тјангонг“. Али заедно со двајца членови на екипажот од претходната мисија „Шенжоу-23“ ќе се врати на Земјата.
Почнувајќи од 2021 година, кинеските мисии „Шенжоу“ превезуваат тричлени екипажи од кинески астронаути до станицата, каде што тие престојуваат по шест месеци.
Жу Јангжоу, член на екипажот од мисијата „Шенжоу-23“, ќе остане во вселената како дел од својата едногодишна мисија.
Мисијата „Шенжоу-24“ ќе биде лансирана со ракета „Лонг марш-2Ф“ од Центарот за лансирање сателити „Џиукуан“, и претставува 41. лет во рамките на кинеската Програма за вселенски летови со екипаж. Додека се во орбитата, членовите на екипажот ќе спроведуваат научни експерименти, покрај истражувањата што се веќе планирани за самата вселенска станица.


