Утрински Весник
Македонија

Управители извлекле над 73 милиони денари од сопствената фирма и намерно предизвикале стечај 

Laptop.webp.webp

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против две физички лица, управители и сопственици на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Намерно предизвикување стечај“ од член 254 и „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Првопријавениот Ѓ. З., во својство на управител и сопственик на правното лице, како законски застапник и овластено лице за располагање со средствата и сметките на правниот субјект, во содејство со второпријавениот А. С., во периодот од 2022 година до 2024 година, дејствувајќи заеднички и со однапред утврдена намера, презеле дејствија насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и економска пропаст.


Во реализација на оваа намера, пријавените, спротивно на должноста за совесно, одговорно и законито управување со имотот и средствата на друштвото, склучувале штетни договори и вршеле пренос на парични средства и друг имот на лица блиски до првопријавениот Ѓ. З., без постоење на реален правен и економски основ за таквите трансакции. Дополнително, првопријавениот, користејќи ја својата положба на управител, склучил договори за отуѓување на движен и недвижен имот во сопственост на друштвото по цени кои биле очигледно и значително пониски од нивната реална пазарна вредност, без економска оправданост и спротивно на интересите на друштвото и неговите доверители.

На овој начин, континуирано и систематски ги извлекувале средствата од друштвото, значително ја намалиле вредноста на имотот на друштвото и ја оневозможиле можноста доверителите да ги намират своите побарувања, како непосредна последица на што друштвото било доведено во состојба на трајна неликвидност и неспособност за исполнување на своите обврски, што резултирало со отварање стечајна постапка.

Со наведените дејствија, пријавените ги оштетиле доверителите во износ од 13.268.816 денари и прибавиле противправна имотна корист за себе и за лица во роднинска врска во износ од 73.538.152 денари.

Можете да прочитате

Српски полицајци до 31 август ќе патролираат низ Охрид

Почнува судењето за обвинетиот сериски убиец од Старо Нагоричане

Камбовски: Надоместоците на судиите-поротници се несоодветни, очекувам брзо решение од Министерството за правда