Утре во 19 часот во галеријата „Метаноја“ ќе биде отворена изложбата „Учителот, страдањето и учеништвото“ на Владимир Георгиевски и на Никола Пијанманов.
Избраните дела за изложбата се инспирирани од Христовите страдања. Тие се прикажани буквално на сликите, но уметничкиот израз носи и бројни метафори на страдањето како феномен – општото искуство на човештвото со кое Христос се поистоветува. Една од паралелите е совршениот пример на Исус кој ги воведува и ги води следбениците низ учеништво кое бара непоколеблива посветеност, самопожртвуваност и љубов.
Георгиевски и Пијанманов во дијалог даваат уметничко сведоштво пред сѐ за Христовите страдања, но и за инспирацијата од него за односот учител-ученик.
За изложбата рецензентот д-р Коста Милков пишува: Пристапот на Исус кон неговите ученици ги содржи суштинските елементи на она што во христијанството се нарекува учеништво – врска меѓу учителот и ученикот во која „поуката“ ни од далеку не ја исцрпува динамиката на односот. Целата личност на учителот и целосната личност на ученикот мора да бидат вклучени во тој однос. За овој процес да биде целисходен во него не смее да има „тајни“. Секој го дава своето сѐ. Оваа изложба е посветена на животот на Исус Христос со неговите ученици, а се состои од избор на дела на темата на еден учител, Владимир Георгиевски и еден ученик, Никола Пијанманов. И двајцата се сметаат за Христови ученици, па тој факт се огледува во нивните дела. Изложени се шеснаесет слики од опусот за Страсната недела и Велигден. Оригиналноста на двата автора и сличностите во нивните дела сведочи дека во нивниот однос не се работи само за она што е дидактично и образовно. Јасно е дека ова е неколкугодишно патешествие на ‘учеништво’.
Изложбата ќе ја отвори директорката на галеријата „Метаноја“ Нада Милкова. Краток осврт за темата на поставката и за изложените дела ќе има рецензентот Коста Милков. Ќе се обрати и ко-авторот на изложбата Никола Пијанманов.