
Премиерот на Полска, Доналд Туск, денеска изјави дека земјата, според прелиминарните проценки, би можела да претрпи загуби од околу 2,16 милијарди долари поради новите американски царини на европските производи, но оцени дека договорот со Вашингтон е подобар од трговска војна.

– Загубите ќе бидат значајни од двете страни на Атлантикот, но подобар е остар трговски договор отколку бесмислена царинска војна меѓу сојузниците, напиша Туск на X.
САД завчера постигнаа рамковен трговски договор со Европската унија, воведувајќи увозна царина од 15 отсто на поголемиот дел од стоката од ЕУ, со што се спречи поголем трговски конфликт меѓу двата сојузника кои сочинуваат речиси една третина од глобалната трговија.
Полска не извезува многу производи директно во САД, но очекува сериозни последици бидејќи полските компании често дејствуваат како подизведувачи. На пример, полските производители на автоделови извезуваат во Германија, која потоа извезува готови автомобили во САД.
Новата царина од 15 отсто на увозот од САД, која вклучува и автомобили, претставува значително зголемување во однос на претходната стапка од 2,5 отсто пред американскиот претседател Доналд Трамп да ја почне својата политика на глобални царини.
Според прелиминарните проценки на Министерството за финансии на Чешка, американските царини ќе го намалат економскиот раст за 0,2 процентни поени до крајот на годината и за 0,39 процентни поени во 2026 година.