Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори во ноември, рекламира превод на Библијата што еден негов близок кантри пејач го продава за 59,99 долари, пишува Гардијан.
Во објава на својата социјална мрежа Вистина, Трамп ги „охрабрува“ своите поддржувачи да добијат копија од Библијата, која ја промовира „во партнерство со добар пријател“ Ли Гринвуд, кантри пејач чии песни се пуштаат на митинзите на Трамп.
Гринвуд ја продава својата верзија на копијата на светите списи преку godblesstheusabible.com, која содржи фотографии од републиканскиот кандидат со книгите. Библијата е украсена со американското знаме и зборовите „Бог да ги благослови Соединетите држави“, а содржи и текстови како што се американскиот Устав и Декларацијата за независност.
Гринвуд на страницата пишува дека тоа е единствената Библија поддржана од Трамп, но исто така нагласува дека републиканецот не заработува од неа, ниту неговата кампања, туку дека го користи името на поранешниот претседател со платена лиценца.
Самиот Трамп во видеото рече дека „верата и христијанството се најголемите работи што недостасуваат“ во САД и дека „навистина верува дека тие мора да се вратат, и тоа брзо“. „Мислам дека тоа е еден од најголемите проблеми што ги имаме. Затоа нашата земја е скршена. Ја изгубивме вербата во нашата земја. На сите Американци им треба Библија во нивниот дом, а јас имам многу од нив“, рече тој.