
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, денеска го промовираше новиот Центар за услуги во Крушево.
Станува збор за шеснаесеттиот Центар за услуги на Министерството за дигитална трансформација, преку кој на граѓаните им се овозможува полесен пристап до електронските услуги и непосредна поддршка при нивното користење.
Со отворањето на Центарот, дигиталната трансформација станува подостапна за жителите на Крушево и околните населени места. На овој начин директно се отстрануваат бариерите поврзани со возраста, степенот на дигитална писменост и местото на живеење.
„Ова е шеснаесеттиот ваков центар на Министерството за дигитална трансформација, преку кој граѓаните ќе добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги. Со отворањето на Центарот во Крушево директно ги отстрануваме бариерите поврзани со возраста, дигиталната писменост и местото на живеење, со што ги доближуваме услугите до секој граѓанин“, истакна министерот Андоновски
Градоначалникот Нико Чонески ја нагласи важноста на Центарот за жителите на Крушево, кои отсега ќе имаат непосредна поддршка и поедноставен пристап до јавните услуги достапни по електронски пат.
Министерството за дигитална трансформација продолжува со проширување на мрежата на центри за услуги, со цел придобивките од дигитализацијата да бидат рамномерно и практично достапни за сите граѓани, независно од нивната возраст, дигитални вештини или местоположба.


