
Она што требало да биде обично патување од Грција до Германија за прослава на роденденот на неговиот брат, за српскиот претприемач Љубиша Каровиќ се претворило во вистински кошмар кој засекогаш ќе му го промени животот. Денес, 11 дена по драматичниот инцидент во авионот на „Рајанер“, 61-годишниот Србин сè уште се буди среде ноќ од звукот на експлозијата што ја слушнал непосредно пред да биде делумно исфрлен низ прозорецот на авионот.
Во интервју за британскиот „Гардијан“, Каровиќ ја раскажува својата неверојатна приказна за преживување, која многумина веќе ја нарекуваат вистинско чудо.
„Експлозијата е она што најмногу го паметам. Тоа е звукот што го слушам секогаш кога ќе ги затворам очите. Тоа беше почетокот на хаосот“, вели Каровиќ, кој по несреќата сè уште носи ортопедска јака за вратот и се опоравува од сериозните повреди.
Во моментот на инцидентот тој седел на седиштето 11Ф, веднаш до прозорецот на авионот кој летал кон Германија. Каровиќ заспал за време на летот, а силната експлозија од скршениот прозорец го разбудила во најстрашниот момент од неговиот живот.
Она што следувало било вистински хорор. Поради наглото губење на притисокот во кабината, дел од неговото тело било извлечено надвор од авионот кој летал со брзина поголема од 600 километри на час и на височина од околу 15.000 стапки.
„Имам огромна среќа што сум жив. Не знам дали беше безбедносниот појас, Божја волја или едноставно судбина. Секој ден му благодарам на Бога што сум жив“, вели тој.
Неговиот грчки адвокат Василис Цијарас тврди дека Каровиќ буквално неколкупати бил на работ меѓу животот и смртта.
„Кога кабината го изгуби притисокот, тој веднаш ја изгубил свеста. Завршил со главата и десната рака надвор од авионот. Замислете човек да виси од авион кој лета со повеќе од 600 километри на час. Тој ја погледнал смртта во очи и се вратил назад“, изјави адвокатот.
Особено драматични биле сведоштвата на останатите патници кои биле сведоци на инцидентот. Маските за кислород веднаш се спуштиле, низ кабината летале шишиња и други предмети, а меѓу патниците настанала паника.
Неговата сопруга Светлана, која седела три реда зад него, веднаш притрчала на помош.
„Се стрчав кон него. Никој од кабинскиот персонал не дојде да помогне во тие моменти. Тоа го направија патниците“, раскажува Светлана.
Според неа, еден од патниците, за кој смета дека бил Албанец, одиграл клучна улога во спасувањето на нејзиниот сопруг.
„Прво се обиде да го затвори отворот со торба, но таа веднаш беше извлечена надвор. Потоа употреби куфер кој успеа да го блокира прозорецот. Никогаш нема да можеме доволно да му се заблагодариме“, вели таа.
Најстрашните моменти, кога Каровиќ бил половина во авионот, а половина надвор од него, траеле речиси две минути.
„Ми кажуваат дека двапати сум се онесвестил во авионот и дека лицето ми било деформирано од воздушниот притисок. Искрено, не се сеќавам на многу работи“, вели тој.
По инцидентот, авиокомпанијата „Рајанер“ соопшти дека кабинскиот персонал постапил професионално и според сите безбедносни протоколи. Од компанијата наведуваат дека веднаш по спуштањето на авионот на безбедна височина, Каровиќ бил преместен до својата сопруга, а медицинско лице кое се наоѓало во авионот му пружило помош до слетувањето во Солун.
Но, адвокатот на Каровиќ ги отфрла овие тврдења, наведувајќи дека патниците биле вистинските херои на драмата.
„Според сведоштвата, кабинскиот персонал бил во состојба на шок и стравувал дека авионот ќе се урне. Другите патници му даваа вода и му помагаа на Љубиша додека траеше драмата“, тврди Цијарас.
Каровиќ, кој со години патува низ светот поради својот бизнис со алуминиумски производи, признава дека по ова искуство тешко ќе може повторно да влезе во авион.
Лекарите предупредиле дека неговото закрепнување ќе биде долго и неизвесно. Засега мора да носи ортопедска јака најмалку шест недели, по што ќе биде утврдено дали ќе биде потребна хируршка интервенција.
И покрај траумата, тој има едноставна порака за сите патници.
„Секогаш носете го безбедносниот појас. Не сакам никој да го преживее тоа што ми се случи мене. Тој појас можеби ми го спаси животот“, порача Каровиќ.


