Утрински Весник
Македонија

Тензии во Собранието: Опозицијата ја напушти седницата

Img 9117.jpeg

Политичките тензии околу реконструкцијата на Владата кулминираа во Собранието, откако пратениците од СДСМ, Левица и Европскиот фронт ја напуштија пленарната седница на која се расправа за изборот на новите министри. По нивното заминување, расправата продолжи само со присуство на пратениците од парламентарното мнозинство.

До ваквиот потег дојде по повеќечасовна жестока расправа исполнета со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Опозициските партии оценија дека мнозинството не дозволува суштинска дебата за предложените кадровски решенија и дека начинот на водење на седницата го ограничува парламентарниот надзор врз извршната власт.


По напуштањето на седницата, СДСМ одржа вонредна прес-конференција во Собранието, на која оцени дека случувањата во пленарната сала биле надвор од сите демократски стандарди, особено затоа што, според нив, во инцидентите биле вклучени премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоилковиќ.

Од СДСМ тврдат дека за време на расправата навреди биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и кон пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за предложената реконструкција на Владата. Според партијата, не станува збор за изолиран инцидент, туку за говор на омраза што може да поттикне насилство.

Дополнително, СДСМ обвини дека по прекинот на седницата кандидатот за министер Иван Стоилковиќ вербално ги нападнал двајцата пратеници.

„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“, изјави пратеникот Оливер Спасовски.

Атмосферата дополнително се вжешти по говорот на пратеникот Митко Трајчулески, кој оцени дека реконструкцијата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми околу стратешката определба на државата и кадровските решенија што ги предлага Владата.

Трајчулески посочи дека именувањето на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, според него, испраќа погрешна политичка порака.

„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што ‘српскиот свет’ во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини“, рече тој.

Осврнувајќи се и на кандидатот за министер за земјоделство Борче Серафимовски, Трајчулески наведе дека тој учествувал на јубилејното собрание на фондацијата „Руски мир“, организација основана со указ на рускиот претседател Владимир Путин.

„Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата ‘Руски мир’. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, истакна Трајчулески.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозицијата поврзани со наводниот „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односот кон лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Тој потсети дека додека СДСМ бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ и дека тој давал поддршка во процесот на промена на уставното име на државата.

По околу 50-минутна пауза, претседателот на Собранието ја продолжи седницата без присуство на опозицијата, а парламентарното мнозинство продолжи со расправата за изборот на новите министри.

Реконструкцијата на Владата предвидува промени во осум министерски ресори – правда, здравство, земјоделство, локална самоуправа, култура и туризам, социјална политика, односи меѓу заедниците и министер без ресор. За изборот на новите министри Собранието ќе одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Напуштањето на седницата претставува дополнителна ескалација на политичките тензии околу првата реконструкција на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Додека опозицијата ја оценува како политичко прегрупирање без суштински промени, владејачкото мнозинство тврди дека промените ќе овозможат поефикасно функционирање на извршната власт.

Можете да прочитате

Навреди, пцовки, напуштена седница и извинување од Мицкоски

Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата – осум нови министри со 69 гласа „за“

Арсовска осудена за клевета против Орце Тодоровски – ќе плати 100.000 денари