Утрински Весник
Економија

Можен е прекин во банкарските плаќања викендов – ќе се ажурира системот

Online plakanje.webp.webp

Македонската банкарска асоцијација информира дека во текот на претстојниот викенд сите банки ќе спроведуваат планирани технички прилагодувања на своите системи, во рамки на подготовките за примена на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од 09.11.2026 година (понеделник).

Активностите се надоврзуваат на претходно најавените регулаторни промени што се однесуваат на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат.


Целта на системските прилагодувања е да се овозможи непречена примена на овие промени во секојдневното користење на платежните услуги.

За време на спроведувањето на техничките активности, банките најавуваат можни привремени прекини или ограничена достапност на одредени услуги, посебно во платежните трансакции. Привремената недостапност ќе биде поврзана со овие однапред планирани системски прилагодувања.

„Точните термини на активностите, услугите што ќе бидат опфатени и очекуваното времетраење на ограничувањата ќе бидат наведени во поединечните известувања на банките до своите клиенти.

Ги повикуваме граѓаните и компаниите редовно да ги следат официјалните комуникациски канали на својата банка и, доколку имаат плаќања што треба да ги извршат во овој период, да ги планираат навреме, согласно објавените информации.

Потсетуваме дека постојните броеви на платежните сметки не се менуваат, а приспособувањето на нејзиниот приказ и користење на сметките во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство ќе го направат банките.

Им благодариме на клиентите за соработката и разбирањето при воведувањето на новите стандарди, кои се дел од модернизацијата на националниот платен промет“ наведуваат од Македонската банкарска асоцијација.

Можете да прочитате

СДСМ: Две сценарија на Мицкоски за Алта банка – ниту едно не држи

Германија ја преполовува квотата за работници од Западен Балкан од 2027 година

За две децении производството на мед намалено од 30 на три килограми од пчелно семејство, 2026 година една од најслабите