
Собранието попладнево со 69 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, ја изгласа реконструкцијата на Владата, со што осум нови министри официјално добија доверба да ги преземат ресорите во извршната власт.
Сите предложени кандидати беа избрани со идентично мнозинство од 69 пратеници, а новиот владин состав ќе раководи со повеќе клучни министерства.
Новите министри се:
- Јетон Шасивари – министер за правда;
- Агон Ферати – министер за односи меѓу заедниците;
- Борче Серафимовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство;
- Сашо Клековски – министер за здравство;
- Ѓоко Велковски – министер за социјална политика, демографија и млади;
- Иван Стоилковиќ – министер за локална самоуправа;
- Седат Сулејмани – министер за култура и туризам;
- Ерџан Демир – министер без ресор.
Гласањето следуваше по целодневна и тензична собраниска расправа, која беше обележана со жестоки меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Политичката атмосфера дополнително се вжешти откако пратениците од СДСМ, Левица и Европскиот фронт ја напуштија пленарната седница во знак на протест, обвинувајќи дека не им било овозможено суштински да дебатираат за предложените кадровски решенија.
По нивното заминување, претседателот на Собранието ја продолжи седницата, а пратениците од парламентарното мнозинство ја изгласаа реконструкцијата без присуство на опозицијата.
Со денешното гласање, новите министри и официјално стапуваат на функција, преземајќи ги ресорите во реконструираниот владин кабинет предводен од премиерот Христијан Мицкоски.


