
Политичките тензии во Собранието кулминираа за време на расправата за реконструкцијата на Владата, која наместо вообичаена парламентарна дебата се претвори во еден од најбурните денови во законодавниот дом. Седницата беше проследена со жестоки меѓусебни обвинувања, навреди, барања за извинување, паузи и конечно со демонстративно напуштање на пленарната сала од страна на пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците.
Опозициските партии обвинија за говор на омраза и недолично однесување од кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, но и од премиерот Христијан Мицкоски, барајќи јавно извинување и реакција од претседателот на Собранието Африм Гаши.
На вонредна прес-конференција, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека случувањата во парламентот се надвор од сите демократски критериуми и оцени дека власта покажала нервоза кога се говорело за резултатите од нејзиното двегодишно владеење.
„Оваа прес-конференција ја свикавме во вонредни околности, затоа што она што се случи на седницата на Собранието е надвор од сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер. Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт. Клучно правило во демократијата е да ги чуете сите критики, сите слабости и од тоа да извлечете поука и, веројатно, да се подобрите“, изјави Спасовски.
Според него, по прекинот на седницата кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ вербално ги нападнал пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер кој треба ова Собрание да го избере“, рече Спасовски.
Тој оцени дека премиерот Христијан Мицкоски дополнително ја вжештил атмосферата со своите квалификации кон опозициските пратеници, во кои употребил изрази како „мизоген“ и „палир“, оценувајќи дека таквата реторика не е достојна за институцијата што ја претставува.
Спасовски побара претседателот на Собранието Африм Гаши да преземе конкретни чекори.
„Гаши е должен да реагира бидејќи претседава со седницата, но и затоа што изнесените ставови не се во согласност со Деловникот и со Етичкиот кодекс што го усвои Собранието“, порача тој.
Реакцијата на СДСМ следуваше по расправата за изборот на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа. Претходно, пратеникот Митко Трајчулески оцени дека со неговото назначување „српскиот свет“ добива позиција на „губернатор“ во 80 македонски општини, по што премиерот Христијан Мицкоски возврати обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односот кон лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија.
По паузата, опозициските партии соопштија дека на координацијата со претседателот на Собранието било предложено да се донесе заклучок со кој конкретно ќе се осуди однесувањето на Иван Стоилковиќ, но, според нив, таквиот предлог не бил прифатен.
„Предложивме на координацијата да има заклучок во кој конкретно ќе се осуди однесувањето на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ. Но тоа не беше прифатено“, изјави Спасовски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во име на парламентарното мнозинство порача дека не одобруваат никакво однесување спротивно на Етичкиот кодекс и Деловникот на Собранието, но без да именува конкретен пратеник или кандидат за министер.
На тоа реагираше пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари, која истакна дека извинување треба да побараат и Иван Стоилковиќ и премиерот Христијан Мицкоски.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, пак, рече дека нивната пратеничка група ја напушта седницата бидејќи без јавно извинување од Стоилковиќ не може да гарантира дека тензиите нема дополнително да ескалираат.
Во своето завршно обраќање, непосредно пред гласањето за реконструкцијата на Владата и изборот на новите министри, премиерот Христијан Мицкоски се осврна на инцидентите што ја одбележаа седницата и упати извинување.
„Се надевам дека во иднина тоа нема да се повтори“, рече Мицкоски од собраниската говорница.
И покрај инцидентите, Собранието ја продолжи работата и со 69 гласа „за“ ја изгласа реконструкцијата на Владата, со што осум нови министри добија доверба да ги преземат своите ресори. Политичката дебата, сепак, остана во сенка на обвинувањата за навреди, говор на омраза и нарушување на достоинството на парламентот.


