Сакаме да го изразиме нашето незадоволство од институциите и нивниот игнорантски, незаинтересиран однос кон студентите кој континуирано се зголемува низ годините а особено изминативе месеци, реагираат од Студентскиот отпор.
Ги потсетуваат, како што велат, одговорните и надлежните дека немаат намера да се откажат се до целосно исполнување на нивните барања:
– „Барање за средба со министерот за образование и претставници од Студентски отпор, како и вклучување на наши претставници во работните тела;
– Изедначување на стипендиите (ретроактивна исплата и нов анекс на договорите);
– Покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк согласно инфлацијата на 160денари;
– Дигитализација и укинување на т.н. „скриени трошоци“ на факултетите;
– Бесплатен/субвенциониран меѓуградски превоз за студентите;
– Прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови;
– Стипендирање на студентите на втор циклус студии;
-Модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети
– Прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ“.
Повикуваат сите студенти да се придружат во нивната борба, бидејќи, според нив, само со сплотеност може да се постигната достоинствени услови за студирање на младите и заедно да се изгради иднината.
„Напоменуваме дека ќе делуваме во насока на остварување на нашите цели користејќи ги сите расположливи механизми и средства“, велат од Студентскиот отпор.