Контакт центар на Владата на Србија, каде граѓаните ќе можат да се информираат за проектот „Јадар“, утрово почна со работа, јавија српските медиуми.
Центарот го отвори министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, а на прашањата на граѓаните ќе одговара до 10 часот. Контакт центарот ќе работи во работните денови од 9 до 15 часот.
Во организација на еколошки здруженија, протести поради најавата за експлоатација на литиум вечерва ќе се одржат во Лесковац, Чачак, Ниш, Врање, Лазаревац, Владимирци и Мали Зворник.
Досега граѓански протести се одржани во 41 град низ Србија.
В сабота в о 19 часот ќе започне централниот митинг во Белград.
На сите собири беше побарано Владата да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.
Рокот за донесување на тој закон кој еколошките здруженија им го одредиле на властите е 10 август.
Претставниците на здружението „Не дамо Јадар“ најавија дека од сабота навечер, доколку не се усвои законот, ќе организираат блокади во повеќе градови.