Утрински Весник
Спорт

Александар Таневски нов селектор на Македонија до 21 година

Ffm.webp.webp

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Александар Таневски да биде назначен за нов селектор на македонската репрезентација до 21 година.

Таневски доаѓа од работата со младинските селекции на ФФМ и селекцијата до 20 години, одлично ја познава генерацијата фудбалери која треба да биде основа на новиот состав до 21 година. На последните два натпревара од актуелниот квалификациски циклус, новиот селектор ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери и постепено да го гради тимот за следниот квалификациски циклус.


Целта е создавање конкурентна репрезентација која ќе бележи подобри резултати, но истовремено ќе придонесува и во создавањето и развојот на фудбалери за А репрезентацијата на Македонија.

Александар Таневски во тренерската кариера има водено вкупно 196 официјални натпревари како шеф на стручен штаб во Првата и Втората македонска фудбалска лига. Тренерската кариера ја започна во ФК Скопје, обезбедувајќи промоција во највисок ранг, а истиот успех го повтори со ФК Македонија ЃП, тим со кој играше финале на Купот на Македонија и обезбеди место во Европските купови. Работеше во Академија Пандев, а последниот клупски ангажман го имаше во ФК Беса.

ФФМ му се заблагодарува на досегашниот селектор Горан Станиќ за неговиот придонес и ангажман во репрезентацијата до 21 година и му посакува успех во идните професионални предизвици.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Дејан Јакимовски да биде избран за претседател на Судискиот одбор на ФФМ, наследувајќи го досегашниот претседател Божиновски. Емил Божиновски поради лични причини се повлекува од функцијата претседател на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. Божиновски, сепак, останува дел од судиското тело во рамки на Федерацијата и продолжува да придонесува со своето долгогодишно искуство во развојот и унапредувањето на судењето во македонскиот фудбал.

Јакимовски има долгогодишно домашно и меѓународно искуство како судија, со повеќе од 500 натпревари во Првата и Втората МФЛ и над 110 меѓународни натпревари како ФИФА судија. Во својата досегашна работа беше член на Судискиот одбор, УЕФА контролор, како и ВАР менаџер и проектен лидер при имплементацијата на ВАР технологијата во македонскиот фудбал.

Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Дисциплинската комисија за измена на таксите за жалба до Второстепената комисија за молби и жалби. Со одлуката, таксата за физички лица се зголемува од 100 на 200 евра, додека за правни лица од 200 на 500 евра, во денарска противвредност.

Управниот одбор на ФФМ ја прифати одлуката за организација на Детските лиги во натпреварувачката сезона 2026/2027 преку новооснованите фудбалски региони. Активностите поврзани со Детските лиги се интегрираат во Грасрут програмата 2024 – 2028, со што се создава единствена и поорганизирана рамка за развој на детскиот фудбал и унапредување на условите за најмладите категории.

За реализација на активностите во сезоната 2026/2027 ќе бидат искористени 160.000 евра обезбедени преку УЕФА Хет Трик, заедно со очекуваните средства од котизациите за учество во Детските лиги. На тој начин, вкупниот буџет наменет за развој и реализација на активностите во детскиот фудбал во рамките на Грасрут програмата ќе изнесува над 230.000 евра.

Целта е средствата да се насочат кон конкретни активности кои ќе придонесат за поголем број деца вклучени во фудбалот, подобри услови за нивно тренирање и натпреварување, како и долгорочен и одржлив развој на детскиот фудбал во сите фудбалски региони.

Можете да прочитате

Свечено пуштен новиот Спортско-рекреативен центар „Џексон“ во Штип

„Заншин До“ со четири медали и пласмани на светско и балканско првенство

Стартува фудбалската Лига на шампиони, минута молк за жртвите во Непал