
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Џорџ М. Викоф, кој е во прва посета на државата и на македонската армија по преземањето на функцијата.
Сиљановска-Давкова му го честиташе мандатот на адмиралот Викоф, потенцирајќи ја значајната улога што Здружената команда во Неапол ја има за евроатлантската безбедност, регионалната стабилност и меѓународниот мир.
На средбата беше нагласено значењето на партнерството со НАТО и со Соединетите Американски Држави, како и важноста на соработката со командата во Неапол за безбедноста и стабилноста на Балканот и за натамошниот развој на современ и интероперабилен одбранбен систем.
Соговорниците разговараа и за важноста на Балканот во контекст на европската безбедност, при што беше истакнато значењето на инфраструктурната и логистичката поврзаност, како и на цивилно-воената координација за унапредување на сојузничката подготвеност и мобилност.
Во разговорот беше посочено и значењето на Армискиот полигон Криволак, како еден од клучните капацитети за реализација на големи сојузнички вежби, што дополнително го зацврстува придонесот на македонската армија во рамки на Алијансата.
Адмиралот Викоф го нагласи придонесот и глобалната одговорност што државата ја демонстрира со своето учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, посочувајќи дека со својата географска положба нашата држава е важна точка за источното крило на Алијансата.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни предизвици, вклучително и последиците од војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток, при што беше истакната потребата од единство, подготвеност и засилена соработка меѓу сојузниците.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја потврди целосната посветеност на државата кон заедничките вредности и цели на Алијансата, како и кон придонесот во колективната безбедност и стабилност на НАТО.


