Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Обвинувањата на СДСМ за условите во „Стив Наумов“ не се точни, студентите живеат во еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот

Image 2026 10 30 171403466.png

Со директен увид во студентскиот дом „Стив Наумов“, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги отфрли обвинувањата на опозициската партија СДСМ за лоши услови за престој на студентите во овој дом.

-Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерие која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во нејзино време беше со студентите. Во овие услови живееја студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте прилика да влезете во домот и да видите – рече Јаневска.


Таа посочи дека домот е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека за време на посетите на европски претставници бил високо оценет.

-Не само ние, туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерните домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко – истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека е можно да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.

-Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, се што треба да поправи ќе поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте – изјави таа.

Министерката апелираше до семејствата на студентите да не ги вознемируваат политички партии и други злонамерници.

-Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме – рече Јаневска.

Таа најави дека набргу во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.

Можете да прочитате

Врховниот суд ги укина пресудите за пожарот во тетовската модуларна болница

ИЈЗ упатува препорака до граѓаните да го проверат вакциналниот статус и да се вакцинираат против морбили

Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати