Утрински Весник
Свет

Србија, Австрија и Унгарија потпишаа документ за борба против илегалната миграција

Србија, Австрија и Унгарија потпишаа документ за борба против илегалната миграција

Србија, Австрија и Унгарија потпишаа документ за зајакнување на трилатералната соработка во борбата против илегалната миграција, а една од целите е поместување на граничната одбрана кон југ.

dobivaj vesti na viber

Меморандумот за разбирање го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ, австрискиот канцелар Карл Нехамер и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Дел од договорот е заеднички полициски патроли да ја контролираат границата со Северна Македонија.

На заедничката прес-конференција Орбан рече дека Србија има клучна улога во регулирањето на миграцијата бидејќи на овој начин „ги штити Австрија и Унгарија и другите земји од Унијата“.

Тој наведе дека годинава во соработка со Србија спречени се 250.000 обиди за илегални преминувања на границата и оти мигрантите се „сè поагресивни“, а оружје користат и криумчарите на луѓе. Орбан тврди дека единствениот начин да се спречи миграцијата е да се каже: „Нема преминување преку нашите граници“.

Тој оцени дека би било полесно да се бранат границите на Унијата доколку Србија веќе би била во ЕУ. „Србија требаше да биде примена вчера“, рече Орбан и нагласи дека неговата земја ќе се обиде да создаде коалиција од земји што ќе го забрза приемот на Србија.

Австрискиот канцелар Нехамер рече дека Австрија „јасно ја поддржува Србија и другите земји од Западен Балкан на патот кон ЕУ“ и додаде дека „Србија има важна безбедносна и стратешка улога“.

Вучиќ посочи дека европската интеграција „се уште е стратешка цел на Србија“, но оцени дека тоа е „процес кој ќе биде тежок“. Повикувајќи се на податоци од српските институции за регистрирани мигранти, тој рече дека најмногу мигранти се од Авганистан (40%), Сирија (27%), Мароко (12%), Бурунди (7%) и Пакистан (2%).

„Не сакаме да бидеме паркинг за илегални мигранти, иако разбираме и сме подготвени да им помогнеме на оние кои се во неволја“, рече Вучиќ.

Можете да прочитате

Орбан: Зеленски да обезбеди никој да не загине при присилна регрутација

Колумбиските власти уапсија еден од шефовите на италијанската мафија „Ндрангета“ во Латинска Америка

Исклучена струјата и водата во регионот Запорожје кој е окупиран од Русија