Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Во МВР немаше тајни апарати за прислушување

Img 4882.jpeg

Истражните центри во рамките на јавните обвинителства се единствените институции каде што законски може да се врши анализа на прибрани материјали од мобилни телефони и електронски уреди. Ова го истакна поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во продолжението од гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Спасовски беше дециден дека во периодот додека раководел со Министерството за внатрешни работи, МВР немало ниту користело дополнителни уреди за следење на комуникациите, со што директно ги демантираше тврдењата за постоење на таква опрема.


Тој предупреди дека секоја активност надвор од законските процедури претставува сериозен ризик за приватноста на граѓаните, но и за кредибилитетот на судските постапки.

„Овие анализи се прават исклучиво врз основа на издадени наредби од страна на надлежниот суд. Сè друго што ќе се екстрахира од таквите уреди, без соодветна наредба, нема да има никаква доказна вредност во судската постапка. Законот за следење на електронските комуникации е кристално јасен во овој дел“, потенцираше Спасовски.

Поранешниот министер појасни дека постапката за екстракција и анализа на податоци од дигитални уреди е строго регулирана и мора да биде покриена со јасна судска и законска документација.

Според него, секое евентуално импровизирање или користење нелегални механизми за следење комуникации претставува директен удар врз правната држава и демократските стандарди.

Во своето гостување, Спасовски повика и на засилен институционален надзор врз безбедносниот систем, посочувајќи дека Собранието и Граѓанскиот совет за надзор имаат законска обврска активно да ја контролираат работата на службите.

„Мора да се активираат сите контролни механизми во државата за да нема никакви сомнежи дека некој може да постапува надвор од законот“, рече тој.

На директното прашање дали во неговиот мандат постоеле таканаречени „дополнителни уреди“ за кои говори актуелниот министер Панче Тошковски, Спасовски категорично одговори дека таква опрема немало.

„Не, такви дополнителни уреди во Министерството немаше, ниту пак имаше можност тие да бидат користени. Сè што постоеше како опрема и што беше поврзано со поранешниот систем за следење на комуникациите, беше уредно отстапено согласно законските одредби и реформата со која се формираше ОТА“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека реформите спроведени по скандалот со масовното прислушување имале јасна цел – да се спречи било каква можност за политичка злоупотреба на системот за следење комуникации и да се воспостави независен механизам на контрола преку Оперативно-техничката агенција.

Можете да прочитате

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Системот не смее да се злоупотребува вели Спасовски за „Сејф сити“