Утрински Весник
Македонија

Системот не смее да се злоупотребува вели Спасовски за „Сејф сити“

Img 4883.jpeg

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Оливер Спасовски оцени дека системот „Сејф сити“ претставува важна алатка за подобрување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, но предупреди дека институциите мора целосно да одговорат на прашањата поврзани со заштитата на личните податоци на граѓаните.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски истакна дека современите безбедносни предизвици не можат да се решаваат со застарени методи и технологии.


„Не можете денес, со средства што се користеле во 90-тите години, да имате успешна борба против криминалот и да ја зголемите безбедноста во сообраќајот. Овој систем е една од клучните алатки што придонесува и за јавната безбедност и за безбедноста во сообраќајот“, рече Спасовски.

Тој потсети дека системот за видеонадзор почнал да се поставува уште во 2012 година во Скопје, Куманово и Тетово, првично за надзор на јавни површини, а подоцна бил надграден и за контрола на сообраќајот и покривање на автопатиштата низ државата.

Според него, најважното прашање не е само функционирањето на системот, туку и начинот на кој се чуваат, обработуваат и користат податоците на граѓаните.

„Потребно е институциите да дадат јасни одговори: како се чуваат податоците, кој може да пристапи до нив и како се заштитуваат личните информации. За тоа постојат законски норми и процедури кои мора строго да се почитуваат“, нагласи Спасовски.

Тој откри дека подготовките за системот биле завршени уште во 2024 година, но според него требало да има подолг тест-период за да се утврдат сите можни слабости и да се подготват и институциите и граѓаните.

„Нашиот став беше да има најмалку една година тест-период, за да се согледаат сите недостатоци, да се направи широка кампања и прецизно да се дефинира заштитата на личните податоци“, изјави тој.

Спасовски оцени дека токму поради недоволниот тест-период, стартот на проектот покажал одредени недоследности, но додаде дека системот веќе има позитивни ефекти врз сообраќајната дисциплина.

„Граѓаните веќе се повнимателни во сообраќајот и тоа е една од придобивките на системот“, рече тој.

Поранешниот министер нагласи дека вакви системи функционираат во многу европски и развиени земји, а нивната главна предност е намалувањето на човечкиот фактор и селективноста при санкционирањето.

„Не смее да има селективност и заштитени лица. Системот не треба и не смее да биде злоупотребуван“, подвлече Спасовски.

Во однос на шпекулациите дека одредени лица би можеле да бидат изземени од санкции преку интервенции во системот, тој рече дека не сака да верува во такви сценарија, но порача дека секоја власт мора да биде гарант на слободите, правата и приватноста на граѓаните.

Можете да прочитате

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Спасовски: Во МВР немаше тајни апарати за прислушување