
На 128. собраниска седница денеска пред пратениците ќе биде интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, поднесена од пратениците на Левица. Според нив, зад интерпелацијата стојат задолжувањата на државниот енергетски систем, неиспорачаните резултати во изминатиот период, особено во делот на енергетиката.
На дневен ред седницата има 13 точки, меѓу кои се и Предлог за избор на член на Судскиот совет, Предлог на одлука за именување на член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и Предлог на одлука за именување на член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Пред пратениците е и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, во второ читање, дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, во второ читање и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.
Исто така, пратениците ќе расправаат и за Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2025 година, а пред нив ќе се најде и Предлог на закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во прво читање.

Последна точка на дневен ред на денешната седница е Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија.


