Утрински Весник
Македонија

Кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, секогаш имаме проблеми во безбедносниот сектор вели Спасовски

Img 4881.jpeg

Најновиот скандал со наводното истекување на информации од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отвора сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на Македонија пред меѓународните партнери и НАТО Алијансата. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој потенцираше дека Кабинетот на претседателот претставува институција од највисок безбедносен ранг, особено по членството на државата во НАТО, каде што се разменуваат исклучително чувствителни информации.


„Тоа се информации кои по никоја цена не смеат да стигнат до јавноста или до странски разузнавачки служби. Ако денес во јавноста се отвора прашањето дали претседателот на државата е безбеден и дали му протекуваат информации од кабинетот, тогаш пораката што ја испраќаме кон нашите стратешки партнери е навистина катастрофална“, рече Спасовски.

Поранешниот министер потсети и на претходен инцидент од времето на мандатот на поранешниот претседател Стево Пендаровски, кога беше отворено прашање за безбедносни пропусти поврзани со преведувач во Кабинетот на претседателот.

Според него, македонските институции имаат професионален капацитет да се справат со вакви ситуации, но суштинскиот проблем е дали клучните позиции ги водат компетентни и професионални кадри.

„Прашањето е дали вистинските луѓе се на вистинските места и дали се цени професионалноста во однос на заштитата на уставниот поредок. Граѓаните знаат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, имаме сериозни проблеми од овој аспект“, изјави Спасовски.

Тој направи паралела со периодот до 2016 година и масовното нелегално прислушување во времето на владеењето на Никола Груевски, посочувајќи дека токму таа афера била причина за сериозни реформи во безбедносниот систем.

Спасовски објасни дека по скандалот била формирана Оперативно-техничката агенција (ОТА), со цел да се спречи можноста безбедносниот систем да биде злоупотребуван за политички цели.

„Претходно МВР ги поседуваше медијациските уреди и имаше директен пристап до телеком-операторите. Телефоните се прислушуваа за потребите на политичките елити, а не за безбедноста на државата“, рече тој.

Според него, денес ОТА функционира како неутрален посредник меѓу операторите и институциите кои спроведуваат истраги, како МВР, АНБ, Царината и Финансиската полиција.

„Системот не дека не може да биде злоупотребен, но шансите се многу помали бидејќи ОТА гарантира дека никој нема директен пристап до телеком-операторите“, појасни Спасовски.

Тој изрази загриженост и за неодамнешните изјави на актуелниот министер за внатрешни работи, кој спомена можност за користење специјални уреди за директен пристап до телефоните на граѓаните под образложение за превенција од криминал.

„Не знам дали е тоа несреќно дадена изјава или навистина нешто се подготвува. Но законот е многу јасен – технички уреди за следење на комуникациите надвор од ОТА може да поседува само Јавното обвинителство и тоа исклучиво со наредба од надлежен судија. Сè друго е надвор од законските рамки“, заклучи Спасовски.

Можете да прочитате

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Системот не смее да се злоупотребува вели Спасовски за „Сејф сити“