Утрински Весник
Спорт

Симов: Македонија ЃП сака да го одбрани пехарот во Купот

Симов: Македонија ЃП сака да го одбрани пехарот во Купот

Македонија ЃП е актуелен освојувач на Купот и сака да го задржи пехарот и по денешното 30. финале. Тимот од Ѓорче Петров оди по својот трет пехар, додека стружани во својот деби финален натпревар го очекуваат првиот трофеј во ова натпреварување.

dobivaj vesti na viber

Тренерот на „лавовите“, Горан Симов, најавува голема борба во која ќе се обидат да го сочуваат пехарот уште една година во витрините на клубот.

„Ќе играме на добар терен, против силен противник и нè очекува убаво време. Се надеваме дека тоа ќе води кон убав натпревар, вистинско финале. Струга Трим Лум го освои трофејот во Првата МФЛ и имаат одлични играчи, дел од нив многу искусни кои ги освоиле сите домашни трофеи. Ние сме максимално подготвени за финалето, мислам дека притисокот ќе биде врз противникот. Македонија Ѓорче Петров ќе направи сѐ за да го задржи пехарот“, изјави Симов.

Капитенот на „лавовите“, Филип Мишевски, не крие дека Македонија ЃП размислува единствено за триумф.

„Сметам дека фактот што имаме одиграно повеќе финалиња е предност за нас. Ќе биде тешко, трите нерешени средби сезонава се доказ дека ќе биде неизвесно. Македонија Ѓ.П како клуб има повеќе финалиња, но Струга Трим Лум е искусна и многу квалитетна екипа. Ќе дадеме сè од себе да го одраниме трофејот, не криеме дека одиме на победа“, изјави Мишевски.

Јубилејното 30. финале во Купот на Македонија ќе се одигра денеска, со почеток во 17 часот, на комплексот на ФФМ.

Можете да прочитате

Пораз на Денвер во Феникс – Дурент го запре Јокиќ

Истанбул ќе биде домаќин на Европските игри во 2027 година

Бекер му честиташе на Иванишевиќ