Утрински Весник
Свет

САД го повикаа Израел да ја повлече одлуката за забрана на агенцијата АП да работи во Газа

Novinari Vo Gaza.png

САД побараа од Израел да ја повлече својата одлука да го прекине преносот во живо на агенцијата Асошиетед прес од Газа и да ја заплени опремата на агенцијата, изјавија двајца високи американски претставници.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН рече дека е „прилично шокантно“ што Израел го прекина видеото во живо од Газа од американската агенција АП, додавајќи дека на новинарите треба да им се дозволи слободно да ја вршат својата работа.

Одбранбената организација на новинарите Репортери без граници (РСФ) одлуката на израелските власти да го прекинат директното емитување на видеото на АП од Газа ја оцени како „срамна цензура“. РСФ го осуди запленувањето на камерата на американската агенција и прекинот на емитувањето на видеото под обвинение дека сликите се дадени на телевизијата Ал Џезира, која Израел ја затвори на 5 мај, пренесува агенцијата Франс прес.

Израелските власти денеска ја запленија камерата на АП и опремата за емитување во Газа, обвинувајќи ја агенцијата за кршење на новиот закон за медиуми со обезбедување на снимки што ги користи Ал Џезира.

Катарската сателитска телевизија Ал Џезира е меѓу илјадниците клиенти кои добиваат снимки во живо од АП и други медиумски организации, се вели во соопштението на АП во кое го објавува потегот, додавајќи дека го „осудува потегот“ на Израел.

– АП најостро ја осудува акцијата на израелската влада, која го прекина преносот во живо што се емитува подолго време и покажува поглед на Газа, и ја конфискува опремата на АП – изјави Лорен Истон, потпретседател за корпоративни комуникации на медиумската куќа.

Непосредно пред да биде запленета опремата, АП емитуваше широк кадар од северниот дел на Газа.

Израелските власти го применија законот усвоен на почетокот на април, кога одлучија да ги затворат канцелариите на Ал Џезира, телевизиска станица со седиште во Катар, и да ја конфискуваат опремата на катарската телевизија, забранувајќи ги нејзините преноси и блокирајќи ги нејзините портали, потсетува АП.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години