Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана и за реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдиле дека верификацијата која треба да ја направи МОН пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршување на ревизијата не е извршена за сите државни студентски домови и нема воспоставен регистар на студентски домови, што неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на домовите. Во ревизорскиот извештај меѓу другото е наведено дека вкупните средства кои се реализирани согласно Програмата за финансирање, реализацијата и развој на дејноста студентски стандард за 2022 година се во износ од 1.397.455 илјади денари (околу 22,6 милиони евра) и тоа: 50 отсто односно 701.482 денари се за студентски оброк, 30 отсто или 424.2010 за студентски стипендии, 17 отсто или 232.164 за расходи за сместување и исхрана во студентските домови и 3 проценти или 39.599 за други расходи. Во однос на сместување, функционирање, финансирање и инвестиции во студентски домови, ревизорите утврдиле дека исплатата на средства не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместени студенити. Од ревизија додаваат дека го опфатиле периодот од 2019 година заклучно со 2022 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени последователно до денот на известување за извршената ревизија.