Утрински Весник
Економија

Крстевска од Народната банка: Се зголемува понудата на инвестициски алтернативи, но и на нови видови кредити

Forum Jas Sum Zena Aneta Krstevska.jpg
Ss2

Депозитите се основен извор на финансирање на банките и следствено банките имаат разновидна понуда на депозитни производи којашто ги има предвид различните потреби на клиентите. Во финансискиот систем во земјава постепено се зголемува и понудата на нови инвестициски алтернативи. „Да имаме предвид дека финансискиот систем се развива, постепено се збогатува и се отвораат нови инвестициски алтернативи за граѓаните. Една од нив е граѓанската обврзница на државата, за којашто знаеме дека имаше интерес, што од своја страна ќе влијае и врз каматните стапки на депозитите на банките”, посочи главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, говорејќи на панел-дискусијата „Динамиката на економскиот раст и можности за штедење и инвестирање 2024″ во рамките на Женскиот економски форум, организиран од Здружението „Јас сум жена” и Факултетот за туризам и бизнис-логистика – УГД Штип.

Во современи услови, дигитализацијата може значително да го подобри пристапот до финансии и до новите инвестициски алтернативи. Дигиталната транзиција на малите и средните претпријатија, со која може да се обезбеди поголема продуктивност, може да биде поттикната од понудата на дигитални услуги од банките, но во голема мерка ќе зависи и од спремноста за дигитализација на компаниите, порача Крстевска. Таа посочи дека во периодот на пандемијата имаше насочување кон поголема употреба на дигиталните плаќања, како од страна на физичките, така и од страна на правните лица. „Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) спроведе анкета во 2022 година за финансиска писменост и дигитализацијата на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Југоисточна Европа (ЈИЕ), во рамките на регионалниот проект на ИНФЕ − ОЕЦД и Министерство за финансии на Холандија. Нашите фирми имаат 28 од вкупните 100 бода за дигитализација (просекот на е ЈИЕ 31, а на Г20 од 41 до 45), од кои 13 за дигитализација на финансиските активности (просекот за ЈИЕ е 13) и 15 за дигитализација на бизнисот (просекот за е ЈИЕ 17). Сето ова упатува на простор за подобрување на дигитализацијата на фирмите”, истакнува Крстевска.

Ss1

Ss1

Можете да прочитате

Просечната нето плата исплатена во февруари изнесува 39.276 денари

32 години од воведувањето на денарот

Одржана редовната седница на Советот на Народната банка