Утрински Весник
Македонија

Ревизија – контрола или алиби?

Trlinmiroslav.jpg

Од ревизорскиот извештај до правото на членовите да знаат како се трошат нивните средства

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија


Понекогаш доволен е еден конкретен пример за да се отвори многу пошироко прашање. Во јавноста се достапни ревизорските извештаи за Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија за 2022 и 2023 година, изготвени од Ecovis Audit Macedonia. На прв поглед, сè изгледа како што треба: ревизијата е извршена, извештаи постојат, а мислењето е позитивно. Но при нивното читање се наметнува прашањето: како е можно текстуалниот дел од ревизорското мислење за две различни години да биде речиси идентичен, а суштински да се менуваат само бројките?

Формално, тоа не е необично. Ревизорските извештаи се изработуваат според меѓународни стандарди, па нивните клучни формулации се стандардизирани. Повторувањето на текстот само по себе не е доказ за површна ревизија. Но останува дилемата: дали ревизијата доволно јасно ја доближува финансиската реалност до оние за кои извештајот е важен?

Позитивното ревизорско мислење значи дека финансиските извештаи во сите материјално значајни аспекти ја прикажуваат финансиската состојба согласно применливата рамка. Тоа, меѓутоа, не е потврда дека секоја одлука е идеална, дека нема организациски слабости или дека секој потрошен денар е најдобро искористен. Ревизијата има своја определена задача и не ги заменува органите на управување, надзорните тела, собранието или самите членови.

Дополнителна причина за внимание се и одредени статутарни прашања. Според изготвено правно мислење, дел од одредбите на Статутот не се усогласени со Законот за здруженија и фондации, особено во поглед на правото на здружување, условите за членство и еднаквиот третман на членовите. И прашања со финансиска тежина, како функционирањето на солидарниот фонд, не се доволно прецизно уредени. Ова не значи дека финансиските извештаи се неточни, но отвора важно прашање: дали членовите имаат доволно информации за самостојно да проценат како се управува со средствата на организацијата?

За членот не е доволно да ги знае само вкупните приходи и расходи. Тој има право да знае и како се распределуваат средствата: колку се издвојува за паушали и други надоместоци на функционерите, патни и дневни трошоци, репрезентација, угостителски услуги, промотивни материјали, телефони и други трошоци за функционирање на органите.

Но суштината не е во поединечните ставки, туку во нивниот меѓусебен однос. Колкав дел од средствата се троши за одржување на самата организација, а колкав за програмите и активностите во интерес на членството?

Се разбира, секоја организација има потреба од средства за своето функционирање. Не секој паушал, патен трошок или репрезентација е неоправдан. Прашањето е во нивниот обем и сооднос со целта поради која организацијата постои.

Во конкретен пример со кој се сретнавме, збирот на ваквите трошоци надминува една третинаод вкупните расходи. Тоа само по себе не докажува незаконско или неоправдано трошење, но е доволно сериозен показател за прашањето дали повеќе од една третина од расходите треба да бидат насочени кон функционирање на организацијата, наместо кон програмските активности за членството.

Сепак, еден пример не е статистика. За да се добие реална слика, потребна е анализа на подолг период и споредливи податоци од повеќе пензионерски здруженија, со различна големина и услови на работа. Корисна би била и споредба со слични организации во други држави, не за да се копира туѓ модел, туку за да се согледаат можностите за подобро работење. Зашто процентот сам по себе не е ниту добар ниту лош. Неговото значење зависи од тоа што добива членството за средствата што се трошат.

Тука финансискиот извештај треба да стане повеќе од формален збир на бројки. Тој треба да овозможи членовите да разберат како се создаваат приходите, како се трошат средствата и колкав дел навистина се насочува кон нивните потреби.

Затоа ревизијата треба да биде еден од механизмите на контрола, но не и единствениот одговор на прашањето за одговорното управување. Ако има препораки, треба да се следи нивното спроведување. Ако постојат слабости, треба да се отстранат, а ако членовите поставуваат прашања, треба да добијат јасни одговори. Позитивното ревизорско мислење не треба да се претвора во општа потврда дека сè е во ред.

Ова прашање добива дополнително значење во период кога пред пензионерските здруженија претстојат избори. Членовите не треба да бидат само оние што ќе гласаат, туку информирани учесници во животот на својата организација. Пред да дадат доверба, имаат право да прашаат што е направено, како се работело, како се трошеле средствата и што може да се направи подобро.

Тоа не е недоверба кон раководствата. Напротив, добро организираното здружение не треба да се плаши од прашањата на своите членови, туку да ги прифаќа како можност за проверка, корекција и подобрување. На пензионерските здруженија им се потребни јасни правила, транспарентни финансии, одговорни органи и информирано членство.

Ревизијата не треба да биде ниту пресуда, ниту алиби. Таа треба да биде контрола што отвора простор за корекција.

Зашто ревизорскиот извештај одговара на прашањето дали финансиските извештаи се прифатливи од аспект на ревизорските стандарди. Членовите, пак, имаат право да прашаат дали средствата се трошат соодветно на целта поради која организацијата постои.

Тоа се две различни прашања. И дури кога и двете ќе бидат поставени и одговорени јавно и одговорно, контролата може да стане коректив, транспарентноста – доверба, а пензионерското здружение – вистинска организација во служба на своето членство.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

ВЛЕН: Давор Мацура директно ги има купено акциите од сватот на Али Ахмети!

Чилиманов: Себеси може да се лажете, народот не! Собраниската архива сведочи!

Ужас во Сарај: Малолетник цела ноќ држел две малолетнички заклучени во автомобил