Утрински Весник
Македонија

„Бесна сум“ вели Петровска и прашува зошто семејството на Сара мора јавно да моли за заштита

Petrovska.jpeg

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска побара од полицијата, Обвинителството и судот да објаснат како постапиле по нападот врз Сара во Охрид и кој е одговорен за нејзината безбедност. Во објава на Фејсбук, таа праша дали Обвинителството побарало притвор за осомничениот и побара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да наложи итна проверка на постапувањето на СВР Охрид.

„Сара е во болница. Осомничениот за нападот е на слобода. А институциите нека ни објаснат како таа вечерва да спие мирно!“, напиша Петровска. Таа изрази револт што семејството мора јавно да бара заштита додека девојката закрепнува од повредите.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишен охриѓанец поради сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Според МВР, нападот се случил на 15 ноември. Полицијата соопшти дека осомничениот ја нападнал својата 26-годишна партнерка во автомобилот и продолжил со нападот откако го запрел возилото. Девојката изгубила свест, а во болницата „Св. Еразмо“ ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

Петровска ја праша охридската полиција дали ги проверила наводите на семејството дека осомничениот мислел дека Сара е мртва и барал начин да се ослободи од нејзиното тело. Побара да се објасни што презела полицијата за да утврди дали има основи за сомнение за обид за убиство. „Нејзиното преживување не смее да стане изговор за потценување на нападот!“, порача таа.

Според МВР, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост на осомничениот по барање на Основното јавно обвинителство. „Слободен печат“ објави дека мерките вклучуваат забрана да ѝ се приближува на Сара и да контактира со неа. Петровска побара Обвинителството да каже дали побарало и притвор. Доколку побарало, таа побара судот да објасни зошто определил други мерки. Праша и кој го проценил ризикот за девојката и кој проверува дали мерките се почитуваат.

Петровска побара веднаш да се испитаат и наводите на семејството за евентуално влијание врз постапката. Таа го повика Тошковски да ги провери кривичната пријава, прибраните докази и секој навод за притисок врз службените лица, а резултатите од проверката да бидат јавно објавени.

На Сара ѝ посака сила и закрепнување и порача дека државата е должна да ја заштити. „Кажете кој ја примил пријавата, кој ги оценил доказите, кој предложил и кој одлучил. Име, презиме и одговорност. Додека Сара е жива и може да биде заштитена!“, напиша Петровска.

Можете да прочитате

СДСМ: Тепачот на Сара, насилникот од Охрид бил пуштен на слобода поради врски со ВМРО-ОКГ

По нападот врз девојката во Охрид не стивнуваат реакциите на Фејсбук се бара одговорност од институциите

Претреси во Неготино и неготинско, пронајдена дрога, уапсени две лица