Утрински Весник
Македонија

Првите луѓе на МВР Тошковски, Буши и Бојмацалиев на средба со Гир

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев денска остварија работна средба со амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир.

На средбата министерот Тошковски го запозна амбасадорот Гир за заедничкото функционирање на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада кое има за цел законито и професионално постапување во насока на организирање и спроведување на фер и демократски изборен процес.

Тошковски ги образложи и преземените мерки со цел ублажување на процедурите за издавање на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните. Со неможноста за навремено издавање на патни исправи на граѓаните, се нарушува ова основно човеково право, истакна министерот Тошковски на средбата. Воедно министерот укажа и на тоа дека ниту една друга држава, освен матичната, не може да укине важност на патни исправи на друга држава.

Со оглед на тоа дека овој процес е во надлежност на Министерството за надворешни работи, останува отворено прашањето дали министерот за надворешни работи ќе го употреби моментот да ги извести државите во светот дека македонските патни исправи престануваат со важност на датумот предвиден согласно Преспанскиот договор.

На средбата, амбасадорот Гир се заблагодари за успешната соработка со Министерството за внатрешни работи и ги потенцираше областите и проектите во кои таа досега има постигнато најголем интензитет, ставајќи акцент на соработката во областа на сајбер безбедноста, особено во изборните процеси кои следат, за што делегацијата на ЕУ стои на располагање да даде поддршка доколку има потреба за тоа.

Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со делегацијата на Европската Унија, пред се при отворањето на Интернет центарот во Прилеп и зградата за форензика во кругот на МВР, кои значајно влијаат за подобрувањето на капацитетот на Министерството за внатрешни работи.

На крајот од средбата, соговорниците се согласија дека соработката на делегацијата на Европската Унија и Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да се одвива со несмален интензитет, а со тоа ќе се стави посебен акцент на продолжување на веќе отпочнатите проекти, со што се потврдува зацртаната цел на државата на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Можете да прочитате

Ахмети го најави Османи за претседателски кандидат и барањето за потпретседател на државата

Стоилковски: Анастасов од СДС излажа, Пробиштип се труе со тешки метали, а тој реди соларни панели

Бојмацалиев: Никој ниту сега ниту порано саботираше некого, 140.000 обрасци за патни исправи се на пат кон Македонија