Утрински Весник
Економија

Пропадна преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Комерцијална

Berza Mk.jpg

Стопанска банка АД Битола продолжува да работи како самостојна банка, затоа што понудата на Комерцијална банка за преземање не беше прифатена од доволен број акционери на битолската банка.  

Како што соопштија од Комерцијална банка преку Македонската берза, понудата за преземање била прифатена од 149 (сто четириесет и девет) сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 176.154 обични акции, односно 45,0548 отсто од сите акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

„Понудата за преземање се однесуваше на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола“, посочија од Комерцијална банка.

Во Понудата за преземање, прагот на успешност, односно најмалата количина обични акции која требаше да биде прифатена за да се смета за успешна понудата за преземање беше определена на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 % плус 1 акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

„Со оглед на тоа што прагот на успешност не е постигнат, понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје се смета за неуспешна. Причина за неуспешност е тоа што не се изјаснија позитивно по однос на понудата на Банката доволен број акционери кои поседуваат обични акции со право на глас, односно во законски утврдениот рок до 22.09.2024 година не дадоа Изјава за прифаќање на понуда за откуп по цена од 3.200 денари по акција. Комерцијална банка АД Скопје на акционерите на Стопанска банка АД Битола им посакува успех во понатамошното работење“, се вели во ценовно чувствителната информација доставена до Берзата.

Комерцијална банка на 26 август официјално ја објави понудата и проспектот за преземање на Стопанска банка Битола при што беше понудена цена од 3.200 денари за една акција. Понудата преку посебна објава до Берзата ја потврдија и од Стопанска банка Битола.

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија