Утрински Весник
Култура

Промоција на романот „Најосамениот ден“ од Симеон Јанков во Куманово

Промоција на романот „Најосамениот ден“ од Симеон Јанков во Куманово

Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, денес, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција и презентација на книгата „Најосаменото место“ од Симеон Јанков.

dobivaj vesti na viber

Симеон Јанков е роден на 21.8.1981 година во Скопје. Завршил средно училиште во „Корчагин“, дипломирал македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет. Во минатото се занимавал со проучување на словенската митологија, а во последните неколку години се занимава со проучување на врските меѓу македонскиот јазик и словенските јазици, од една страна, и другите индоевропски јазици, од друга, фасциниран од нивната блискост, која најчесто не е забележлива на прв поглед, притоа служејќи се со литературата на некои од најголеми и најреномирани научници на тоа поле, како Макс Фасмер, Рик Дерксен, Олег Трубачев и други.

Автор е на романите „ Црна шума“ и „Најосаменото место“. Преведува од англиски, руски, српски и обратно.

Романот ќе го промовира Фросина Пармакоска. Во рецензијата промоторот ќе истакне:

„Ова е роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место, каде што животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон мртвата сакана.
Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и, конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик, кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во прво лице) го произвеле најосаменото место како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков е веќе потврден раскажувачки водич, кој има и тоа како што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!“

Можете да прочитате

Наградата „Антево Перо“ за стихозбирката „Куќа“ од Јулијана Младеновска Тешија

Младата Јана Борбала-Панзов изработи стикери за да ги убеди врсниците да користат кирилица на социјалните мрежи

„Доаѓаме со поклон“ – изложба на Шејла Камериќ