Утрински Весник
Економија

Филипче: Мицкоски и Славески ја внесоа Алта банка и ги загрозија парите на граѓаните

Filipche venko sdsm pres 2.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес – конференција нагласи дека целата економска политика на Мицкоски се сведува на лаги и манипулации, лаже за Алта банка, обидувајќи се одговорноста да ја префрли на СДСМ, лаже и за јавниот долг, претставувајќи го новото задолжување како враќање на старите долгови. Филипче потенцираше дека Мицкоски и Славески ја донесоа Алта банка во Македонија, и тоа е вистината.

„Човекот мислам дека веќе нема кредибилитет. После сите лаги изречени, после лажењето на надзорната расправа за Алта банка, кога ја обвини СДСМ дека ние сме ја донеле Алта банка. Не, тој и Трајко Славески ја донесоа, пералницата на пари на Вучиќ, тука кај нас. Ги загрозија капиталот и парите на граѓаните и на државните компании. Ете тоа направија”, рече Филипче.


Филипче посочи дека истата матрица на манипулации Мицкоски ја применува и кога станува збор за јавниот долг. Премиерот тврди дека државата се задолжува за да ги враќа старите долгови, но доколку тоа навистина беше така, вкупниот јавен долг немаше постојано да расте. Од 8,5 милијарди евра, долгот веќе достигнува околу 11 милијарди евра, а со планираното задолжување ќе достигне 12 милијарди евра.

„Ако навистина се задолжуваше државата да ги врати старите долгови, тогаш вкупниот долг немаше да расте  –  а порасна од 8,5 милијарди евра, на сега околу 11 милијарди евра, а ќе биде 12 милијарди евра, најголем историски долг. Христијан Мицкоски при репрограмирањето и враќањето на старите долгови се задолжува дупло. Еден дел е да врати стари долгови, уште толку за нивни проекти кои не се капитални проекти, туку за трошење пари. Ете за таква економска политика станува збор”, рече Филипче.

Тој предупреди дека последиците од ваквата политика ќе ги плаќаат граѓаните и идните генерации. Наместо новото задолжување да создава капитални инвестиции, нова инфраструктура и подобри услови за живот, парите се трошат без реален развоен ефект, а јавниот долг продолжува да расте.

„На крајот на мандатот на оваа влада, дали ќе биде до година или 2028, согласно тоа кога дефинитивно ќе им снема пари за партиски тендери, најмалку 50% поголем ќе биде вкупниот долг од тоа што го наследија во 2024 година. Притоа, никакви капитални проекти, ништо што ќе ја зголеми вредноста, ништо што ќе го зголеми вистинскиот квалитет на животот на граѓаните. Се задолжува за да троши. Само 9% од парите од вкупниот буџет кои што се предвидени за капитални инвестиции, а согласно искуството нема да се реализираат затоа што немаат знаење и капацитет, одат за капитални инвестиции. Сè друго е за потрошувачка”, рече Филипче.

Можете да прочитате

Мицкоски: Реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема, во владата на СДСМ и ДУИ беше намалена за пет отсто

Филипче: Кошничката со кирија достигна 90.000 денари, а власта одбива минимална плата од 600 евра

Граѓански обврзници може да се запишат до 1 декември во деловните банки