Утрински Весник
Економија

Потпишување на договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти

20241111194457 Big 730x400 23.webp.webp

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел ќе потпишат договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти коишто ќе бидат реализирани паралелно од два правни субјекти.

Бреинчајлд е компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија кои креираат глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Производите вклучуваат крила, едра и дополнителна опрема за летање и сурфање на вода.

Бреинчајлд е иновативна компанија која комбинира техничко знаење и практично искуство во целокупниот процес на производство, притоа посветувајќи сериозно време и фокус на одржливи производни практики и циркуларна економија во комплетниот производен циклус.

Брендот Бреинчајлд во Македонија има формирано две компании и тоа: Бреинчајлд Продукција во 2020 година и Бреинчајлд Производство во 2022 година.

Бреинчајлд Продукција е компанија која се занимава во активности за истражување и развој на новите производи, преку користење на уникатни репроматеријали, а со цел добивање на специфичен материјал кој е потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола, во постоечки објект со големина од 1500м2.

– Бреинчајлд Продукција поднесе писмо за намери и деловен план за реализација на инвестициски проект за индустриско истражување на почетокот на 2024 година. Инвестицискиот план вклучува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план и договорот за државна помош, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2.500.000 евра во период од 5 години, при што се планирани околу 40-тина висококвалификувани нови работни места, информираа од Владата.

Од друга страна, Бреинчајлд Производство е компанијата која се занимава со сериското производство на опремата и елементите.

– Планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3000м2 во индустриската зона Жабени кај Битола и да вработат околу 200 лица. Според инвестицискиот планови, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните 5 години да се заокружи инвестициски циклус од околу 8.500.000 евра. И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постоечката лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање на одржливи материјали, наведуваат од Владата.

Како дел од активностите за поврзување со локалната заедница, Бреинчајлд отвори специјализирана школа за шиење на напредни материјали која служи како своевиден тренинг центар за планираните активности на компанијата, а компанијата е посветена и на одржлив и еколошки процес преку користење на рециклирани материјали како суровини и процеси кои елиминираат некои стандардни производни пракси штетни за околината.

По потпишувањето на договорите предвидена е заедничка прес- конференција за медиуми на премиерот Мицкоски и сопственикот и менаџерот на Бреинчајлд.

Можете да прочитате

Сега неговите 10 биткоини вредат рекордни 89.000 долари – Пандов со неверојатен профит!

Проверете ги сметките, започна исплатата на Мој ДДВ

СДСМ: Мицкоски ем се фали со туѓи инвестиции, ем не може цеолосно да ги реализира