
Македонското трио „Анимато“ на 28 септември ќе настапи во галеријата „Артгет“ при Културниот центар на Белград, Србија. Концертот насловен „Музичко патување“ ќе започне во 20 часот, а ова ќе биде прво гостување на триото пред белградската публика.
„Анимато“ се издвојува по својот специфичен состав – две флејти и пијано. Триото го сочинуваат пијанистката Светлана Димитриевска и флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска.
За настапот во Белград музичарките подготвија разновидна програма која ги спојува делата на големите светски композитори со македонското музичко творештво.
На програмата се композиции од Дмитриј Шостакович, Антон Бернхард Фурштенау и Гаетано Доницети, како и познатите „Обливион“ и „Либертанго“ од Астор Пјацола. Пред белградската публика ќе бидат изведени и дела од Едвард Елгар и македонскиот композитор Давор Јордановски.
За членовите на „Анимато“, концертот има посебно значење бидејќи станува збор за нивно прво гостување во српската престолнина.
„Ова е наше прво гостување во Белград и навистина му се радуваме. Подготвивме атрактивна и разновидна програма, во која секое дело носи поинаква музичка приказна. Веруваме дека таа разноликост, заедно со интересниот спој на две флејти и пијано, ќе го привлече вниманието на пошироката публика. Се надеваме на убава средба со белградската публика и на вечер во која музиката ќе нè поврзе“, вели Димитриевска.
Триото „Анимато“ е основано во 2020 година, а со настапот во Белград продолжува со претставување на својот специфичен музички израз и надвор од Македонија.

Концертот „Музичко патување“ е во организација на Македонскиот културен центар во Белград и директорот Васко Шутаров, со поддршка од Министерството за култура и туризам.


