Утрински Весник
Македонија

Почнува 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

643872.webp.webp

Со претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар од Скопје и со доделувањето на наградите за животно дело на актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов, вечер во Прилеп, во Домот на културата „Марко Цепенков“, ќе биде отворен 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе се одржува до 14 јуни под мотото „Промени се, промени сѐ“.

Свеченото отворање е од 19: 30 часот, а од 19 часот во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена изложба „Горан Стефановски и книгите“. Годинава автор во фокусот е големиот драмски автор Горан Стефановски кому ќе му биде посветен еден фестивалски ден. Тоа ќе биде в недела на 9 јуни.

Во официјалната програма се 11 претстави на професионалните македонски театри и уште пет во придружната програма. Ќе има промоции, работилници, разговори на тркалезната маса за одиграните претстави, а за сцени ќе се користат уште неколку во градот.

Во конкуренцијата за награди се и претставите: „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, на народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, во продукција на Албански театар од Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, а во продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица, „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на Ц.К. „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, на Турски театар од Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани на народниот театар од Битола, „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија и претставата „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје.

И годинава тричленото жири е меѓународно и е во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора. /МИА

Можете да прочитате

Николоски: Автопатот Охрид-Кичево, експресниот пат Градско-Прилеп и браната Отиња се трите проекти со кои ќе се занимавам oд следната недела

ЕКСТРЕМНО ТОПОЛ БРАН ВО МАКЕДОНИЈА: Температурите од денес па се до недела ќе надминуваат 40 степени, меѓутоа во недела ни се заканува Суперќелијско невреме

Продолжен е рокот за регистрација за изборите за претседател на СДСМ