Утрински Весник
Македонија

Петличковски: Предлагаме да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје 

Screenshot 2024 02 07 173632.png

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски денеска по седницата информираше дека препорачале да се прогласи епидемија на голема кашлица на подрачјето на град Скопје поради зголемениот број на случаи. -Во моментот се потврдени 18 случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте, особено на територија на град Скопје каде се потврдени 14 случаи одлучивме да препорачаме прогласување епидемија за град Скопје. Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста голема кашлица. Во таа насока моментално го подготвуваме Упатството за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на испуштените вакцини, рече Петличковски. Комисијата препорачува забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинки и очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите, бидејќи, рече, оваа болест може да биде и е практично тешка, најтешка болест за најмалите.  За децата кои одат во училиште ваква мерка не може да се препорача, затоа што образованието е задолжително и сите деца треба да посетуваат настава. Но, сепак, оние кои се болни, со симптоми на настинка или грип, треба да останат дома.  Петличковски појасни дека ова се препораки на комисијата за заштита од заразни болести, дека ќе се достават до Министерството за здравство за ЦЈЗ да ја донесе мерката, што значи дека на пример, децата кои не се вакцинирани, нема од утре да престанаат да се примаат во градинките. Препораки од Комисијата за заразни болести:

1) Се препорачува ЦЈЗ Скопје да прогласи епидемија на голема кашлица на територија на Скопје.

2) Институтот за јавно здравје да изработи стручно упатсво за постапување во услови на епидемија на голема кашлица.

3) Се повикуваат родителите на невакцинираните децата со ДиТеПер вакцина, кои од било која причина ја пропуштиле редовната вакцинација, ВЕДНАШ да се јават во вакциналниот пункт во кој припаѓаат и да ги надополнат пропуштените дози согласно Календарот за имунизација.

4) Службите за вакцинација/вакциналните пунктови ќе работат со засилен интензитет во две смени и сабота во една смена, со цел овозможување побрза вакцинација на пропуштените деца како противепидемиска мерка.

5) Се забранува прием и престој во детска градинка на невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца, согласно возраста во Календарот за имунизација.

6) Дијагностицираните лица со голема кашлица, да се изолираат во домашни услови најмалку 5 дена од започнување на препорачаната антибиотска терапија.

Можете да прочитате

И амбасадорот во Романија, Жерновски, повикан на консултации во МНР

На Табановце за влез во државата се чека околу еден час

Полицијата веднаш го пронајде – Виктор е најден во Кирамидница