Утрински Весник
Македонија

Даниловски за Гостивар: Слаб надзор, доцни мерки и лоша комуникација не смеат да се повторат!

Dragan danilovski.jpg

Епидемиологот Драган Даниловски во обемна стручна анализа на епидемијата на акутен гастроентеритис во Гостивар предупредува дека, иако сè уште недостигаат дел од клучните лабораториски и институционални наоди, досега објавените информации веќе овозможуваат да се извлечат сериозни заклучоци за размерите на настанот, можната улога на водоснабдителниот систем и начинот на кој институциите реагирале.

Во објавата на социјалните мрежи, Даниловски нагласува дека првата задача на епидемиологијата е јасно да ги разграничи потврдените факти од претпоставките, како и она што може стручно да се заклучи од прашањата што сè уште мора да останат отворени.


Според него, неспорно е дека во Гостивар се случил масовен епидемиски настан, со повеќе од илјада заболени лица во релативно краток временски период. Големиот број случаи, нивната временска концентрација и сличната клиничка слика кај пациентите, како што посочува, јасно покажувале дека не станува збор за вообичаено и спорадично појавување на цревни инфекции.

Даниловски потсетува дека надлежните институции вовеле забрана за користење на водата за пиење, како превентивна мерка поради проценет ризик за населението. Во јавноста, додава тој, било потврдено дека при испитувањата на водата биле утврдени отстапувања од пропишаните параметри, како и присуство на колиформни бактерии.

Истовремено, целосните лабораториски резултати не биле објавени бидејќи станале дел од постапка што ја води Јавното обвинителство.

Врз основа на достапните информации, Даниловски оценува дека постои силна епидемиолошка поврзаност меѓу појавата на заболувањата и контаминацијата на водоснабдителниот систем.

Сепак, тој предупредува дека не е научно прецизно едноставно да се каже дека „водата била причинителот“.

„Водата не е етиолошки агенс. Таа може да биде средство, односно возило преку кое еден или повеќе микроорганизми стигнале до изложената популација“, објаснува Даниловски.

Според него, во епидемиолошката анализа мора да се прави јасна разлика меѓу причинителот на заболувањето, изворот на контаминацијата, механизмот преку кој загадувањето навлегло во системот и водата како можно средство за пренесување.

Тој нагласува дека досегашните информации даваат доволна основа да се заклучи дека водоснабдителниот систем бил централна компонента во целиот настан, но не и да се утврди кој конкретен микроорганизам или кои микроорганизми ја предизвикале епидемијата.

Сè уште не е познат ниту изворот на контаминацијата, ниту точниот механизам преку кој загадувачките материи или микроорганизмите навлегле во системот за водоснабдување.

Даниловски посочува дека повеќе суштински прашања остануваат без официјален и целосен одговор.

Не е познат точниот етиолошки агенс на епидемијата, односно дали станувало збор за еден микроорганизам или за мешовита микробиолошка контаминација. Не е јавно соопштено ниту дали истиот причинител бил пронајден кај заболените лица и во примероците од водата.

Таквото совпаѓање, според него, би имало клучно значење за конечно потврдување на врската меѓу заболувањата и контаминираната вода.

Отворени остануваат и прашањата кога точно започнала контаминацијата, колку долго траела и дали станувало збор за еднократен инцидент, повторувано загадување или подолготраен проблем во системот што не бил навреме откриен.

За да се оцени целосно постапувањето на институциите, Даниловски смета дека мора да биде утврдена точната временска линија на настанот.

Потребно е да се утврди кога се појавиле првите случаи, кога бројот на заболени почнал да го надминува вообичаеното ниво, кога случаите биле поврзани во заеднички епидемиолошки образец и кога првпат се појавило сомнението дека проблемот е поврзан со водоснабдувањето.

Исто така, мора да се утврди кога биле земени примероците, кога биле добиени првите резултати и кога биле донесени и спроведени мерките за заштита на населението.

„Не е доволно да се знае само која мерка била донесена. Потребно е да се знае и во кој момент била донесена во однос на информациите што тогаш биле достапни“, нагласува Даниловски.

Според него, особено важно е да се испита дали пред наглото зголемување на бројот на заболени постоеле сигнали што можеле да укажат на проблем со безбедноста на водата.

Тоа може да бидат промени во мирисот, вкусот или изгледот на водата, претходни микробиолошки отстапувања, технички дефекти во системот, поплаки од граѓани или други предупредувачки показатели.

Целосната истрага, додава Даниловски, треба да покаже дали станувало збор само за изолиран технички дефект или за комбинација од повеќе системски слабости – во инфраструктурата, контролата на квалитетот, институционалниот надзор, размената на информации и координацијата меѓу надлежните служби.

Епидемиологот посочува и дека е погрешно уверувањето оти епидемија може да биде прогласена дури откако лабораторијата ќе го идентификува конкретниот причинител.

Според него, епидемијата најнапред се препознава преку бројот на заболени, нивното групирање во определено место и време, сличноста на симптомите и веројатниот заеднички извор на изложеност.

Во случајот со Гостивар, уште во раната фаза постоеле повеќе показатели што силно упатувале на епидемија од заеднички извор: нагло зголемување на бројот на заболени, слична клиничка слика, просторна концентрација на случаите и отсуство на постепено ширење типично за пренесување од човек на човек.

Истовремено постоело и основано сомнение дека изложеноста е поврзана со системот за водоснабдување.

„Епидемиолошкиот одговор започнува кога расположливите докази се доволни за да се предложат и спроведат мерки за заштита на населението“, посочува Даниловски.

Тој објаснува дека епидемиологот и микробиологот немаат иста задача, но нивната работа е меѓусебно поврзана.

Епидемиологот го препознава образецот на заболување, временската и просторната распределба на случаите и веројатниот начин на пренесување, додека микробиологот го идентификува конкретниот причинител и ја потврдува неговата улога.

Даниловски нагласува дека јавното здравје не смее да чека целосна извесност кога постои сериозна опасност за населението.

Лабораториската потврда е неопходна за конечно утврдување на причинителот и механизмот на контаминација, но превентивните мерки мора да започнат уште кога ризикот е основано идентификуван.

Во однос на институционалната реакција, Даниловски оценува дека таа мора да се анализира преку неколку клучни прашања: колку брзо била препознаена епидемијата, колку навремено бил проценет ризикот и колку ефикасно биле организирани мерките за заштита на граѓаните.

Првиот тест за системот, според него, е дали необичното групирање на случаи било откриено во најраниот можен момент.

Вториот тест е дали бил применет принципот на претпазливост. Во услови на нагло зголемување на бројот на заболени и сомнение за заеднички извор, мерките не смеат да зависат исклучиво од конечната лабораториска потврда.

Третиот тест е меѓуинституционалната координација.

Епидемија од ваков обем, посочува Даниловски, не е само здравствен, туку и сериозен организациски предизвик.

За нејзино ефикасно справување е потребно координирано дејствување на епидемиолошките служби, лабораториите, болниците, комуналното претпријатие, локалната самоуправа, инспекциските органи и институциите задолжени за кризно управување.

Секоја институција располага само со еден дел од информациите, а ефективниот одговор зависи од тоа колку брзо тие информации ќе бидат споени во една заедничка слика.

Четвртиот клучен елемент е комуникацијата со јавноста.

Даниловски предупредува дека во услови на можна контаминација на водата, граѓаните мора навреме да добијат јасни и практични инструкции – дали водата смее да се пие, дали може да се користи за подготвување храна, за лична хигиена и миење садови, колку долго ќе важат ограничувањата и каде може да се обезбеди безбедна вода.

Секој информациски вакуум, според него, создава простор за шпекулации, гласини и спротивставени информации, што дополнително ја намалува довербата во институциите.

Тој нагласува дека признавањето на неизвесноста не ја нарушува довербата доколку институциите јасно објаснат што знаат, што сè уште се испитува и кога ќе бидат објавени нови информации.

„Довербата најмногу се нарушува кога јавноста добива задоцнети, противречни или нецелосни пораки“, предупредува епидемиологот.

Од случајот со Гостивар, Даниловски издвојува шест првични поуки.

Првата е потребата од чувствителен и функционален епидемиолошки надзор, кој ќе овозможи поединечните случаи од болниците, матичните лекари и лабораториите брзо да бидат поврзани и препознаени како дел од поголем настан.

Втората е постапувањето според принципот на претпазливост, односно носење пропорционални и образложени мерки уште во периодот меѓу првото основано сомнение и конечната научна потврда.

Третата поука е дека стручноста на одделните институции не е доволна доколку нивното дејствување не е поврзано со јасни протоколи, утврдени надлежности и единствен центар за оперативно одлучување.

Четвртата се однесува на јасната, навремена и усогласена комуникација со населението.

Петтата е потребата по завршувањето на епидемијата задолжително да се спроведе професионална анализа на целиот настан, во која ќе се утврди што функционирало, што било задоцнето и кои процедури мора да бидат изменети.

„Најголемиот пораз по една епидемија би бил системот да не научи ништо од неа“, нагласува Даниловски.

Шестата поука е дека секоја поголема епидемија претставува тест за отпорноста на здравствениот и институционалниот систем.

Таа покажува колку брзо се препознава опасноста, дали лабораториите располагаат со доволно капацитети, дали институциите можат да дејствуваат координирано и дали јавноста добива точни информации навреме.

Даниловски заклучува дека епидемијата во Гостивар мора да биде предмет на темелна, професионална и јавно достапна анализа.

Според него, конечните заклучоци ќе можат да се донесат по завршувањето на епидемиолошките, микробиолошките, санитарно-техничките и правосудните постапки.

Тогаш ќе треба прецизно да се утврдат почетокот и траењето на контаминацијата, причинителот или причинителите, изворот и механизмот на загадување, како и точниот редослед на институционалните известувања и одлуки.

Ќе мора да се оцени и дали преземените мерки биле навремени и пропорционални, дали институциите функционирале координирано и дали граѓаните биле информирани навреме и целосно.

„Принципите според кои се оценува еден епидемиолошки одговор веќе се јасни: рано препознавање, навремена процена на ризикот, пропорционално дејствување, функционална координација, отворена комуникација и задолжително институционално учење“, заклучува Даниловски.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС зборуваат за чувства, а институциите по факти и докази, досега тројца приведени

ДУИ: МРТ е без ниту еден директор Албанец и со незаконски заменик директор

ВЛЕН: Ќе има одговорност за состојбата во Гостивар, здравјето на граѓаните е над сѐ