
Отсуството на медиумска експонираност и јавна отчетност го одбележаа четиригодишниот мандат на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК), Ислам Абази. Иако неформалните брифинзи беа корисни за информирање за конкретни предмети, затвореноста на првиот човек на едно од клучните обвинителства во државата отвори простор за критики во јавноста.
На ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ се осврна Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, која оцени дека во изминатиот период недостасувала поголема јавна отчетност од раководството на обвинителството.
Прашањето за транспарентноста дополнително дојде во фокус по измените на Кривичниот законик во 2023 година, со кои беа намалени казните за дел од кривичните дела поврзани со функционерска корупција. Во такви околности, јавноста очекуваше поголема видливост и отчетност од институцијата која е задолжена за гонење организиран криминал и висока корупција.
Сепак, Петковска посочи дека постапката за избор на наследник на Абази носи позитивна промена во поглед на транспарентноста.
За разлика од претходната практика, кандидатите за нов раководител на ОЈО ГОК овојпат ќе треба јавно да ги претстават своите програми и планови за работа. Со новиот Правилник на Советот на јавните обвинители се предвидува јавна седница на која кандидатите ќе имаат можност да ја претстават својата визија за раководење со обвинителството.
На седницата ќе можат да присуствуваат новинари, претставници на медиумите и мониторинг-организации, а кандидатите ќе треба да одговараат и на прашања за тоа како планираат да раководат со институцијата и кои ќе бидат нивните приоритети.
Во трката за наследник на Ислам Абази влегуваат петмина кандидати од обвинителскиот систем: Фатон Азизи и Искра Хаџи Василева од ОЈО ГОК, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство и Лидија Рајчевиќ од Основното јавно обвинителство – Скопје.
Според Петковска, при изборот не треба да се оценуваат само професионалното искуство, биографијата и способноста за застапување предмети. Еден од клучните критериуми мора да биде личниот и професионалниот интегритет на кандидатот кој ќе застане на чело на обвинителството задолжено за најсложените случаи на организиран криминал и корупција.
Новиот шеф на ОЈО ГОК ќе треба да поседува и сериозни менаџерски способности и капацитет за решавање на внатрешните односи во обвинителството.
Но, според Петковска, една од неговите најважни задачи ќе биде да ја заштити институцијата од надворешни и политички притисоци, особено кога се водат предмети поврзани со висока корупција.
Идниот раководител, како што посочи Петковска, треба да претставува „прв бран на одбрана“ и штит од политичките притисоци врз обвинителите.
Токму затоа изборот на наследникот на Абази ќе биде важен не само за функционирањето на ОЈО ГОК, туку и за јавната доверба во способноста на обвинителството независно и професионално да ги гони организираниот криминал и високата корупција.



