Утрински Весник
Македонија

Мециновиќ: ДПМНЕ ја оплакува демографската катастрофа, а без ниту еден аргумент го одби Предлог-законот на Левица за станбена поддршка на младите семејства

Meczinovik.png

Денес, на собраниската Комисија за финансирање и буџет, владејачкото мнозинство на ДПМНЕ, без ниту еден изнесен аргумент, без забелешка за предложеното решение и без каков било предлог за негово подобрување, одлучи да го отфрли во прво читање Предлог-законот за семејна и станбена поддршка на Левица. Со тоа, партијата која постојано ја претставува демографската криза како национална закана, одби дури и да отвори суштинска расправа за конкретен механизам со кој државата би преземала дел од станбениот долг на семејствата при раѓање или посвојување дете.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање ја посочи станбената несигурност како еден од најголемите причини за иселувањето и демографското празнење на Македонија. Во земја во која домувањето од основна човечка потреба е претворено во извор на баснословни профити за градежните инвеститори и банкарскиот сектор, македонските домаќинства веќе должат околу две милијарди евра по основ на станбени кредити. Според податоците што ги презентираше Мециновиќ, за само една година овој долг пораснал за 273 милиони евра, односно 16,6%, додека во последните две години зголемувањето достигнува 35%. Речиси 40% од вкупните кредитни обврски на домаќинствата се однесуваат на станбеното прашање. Тоа е цената на системот во кој граѓаните со децении работат за да го отплатат покривот над глава, додека профитите од нивната егзистенцијална потреба непречено растат.


Мециновиќ предупреди дека затворените училишта и испразнетите паралелки се последица на многу подлабока општествена криза, чиј корен лежи во материјалната несигурност. Држава во која млад човек треба да преземе триесетгодишна кредитна обврска за да обезбеди дом, тешко може да очекува стабилни семејства, повисок наталитет и економски независни генерации. Токму затоа Левица предложи државата да презема дел од главнината на станбениот кредит за прв дом при раѓање или посвојување дете, со директна уплата кон банката и соодветно намалување на месечната рата. Мерката предвидува јасни услови и заштитни механизми против злоупотреби, а би ги опфатила и постојните станбени кредити склучени во последните пет години, согласно законските услови.

ДПМНЕ го одби законот и покрај експлицитната понуда на Левица за заедничко усогласување на неговите решенија. Мециновиќ ги повика пратениците од мнозинството да дискутираат за висината на државната поддршка, дали таа да изнесува 20, 10 или 5 проценти, како и за начинот на пресметување на субвенцијата. Левица јасно изрази подготвеност за компромис и поддршка на заеднички прифатлив модел. Наместо аргументирана расправа, мнозинството избра молк и игнорирање на проблемот и решението. Очигледно, за ДПМНЕ проблем не е висината на субвенцијата, ниту начинот на нејзината реализација, бидејќи за ништо од тоа не понуди ниту еден аргумент.

Апсурдот е уште поголем ако се земе предвид дека токму во времето на владеењето на ДПМНЕ, во 2011 година, беше донесен Закон за субвенционирање на станбен кредит, на кој се повика и Мециновиќ. Денес, поради драстично изменетите пазарни услови, тој модел е анахрон и недоволен за реалните потреби на граѓаните. Наместо да прифати негово осовременување преку нов законски механизам, власта одби да разговара дури и за принципот на државна интервенција во станбената криза. 

Потсетуваме дека претходно беа одбиени и предлозите на Левица за регулирање на максималната граница на кириите, намалување на задолжителното учество за станбени кредити за младите и воведување државни гаранции.

Денешното негласање го разобличи лицемерието на ДПМНЕ – демографијата им е национален приоритет само додека од неа можат да произведуваат говори, пароли и патриотски претстави. Кога на дневен ред дојде конкретен закон за материјална поддршка на семејствата, нивната загриженост заврши. Власта немаше ниту храброст да го брани своето одбивање со аргументи.

Како што порача Мециновиќ од собраниската говорница, Левица не предлага државата да им подарува богатство на граѓаните, туку да им врати дел од економската слобода изгубена под товарот на долгорочните кредити. Слободата која завршува пред банкарскиот шалтер е само празна уставна декларација. За Левица, демографската политика започнува со материјална сигурност, достапен дом и достоинствен живот. За ДПМНЕ, судејќи според денешното негласање и игнорирање, доволно е да се констатира дека Македонија се празни и дека за тоа се виновни граѓаните, а потоа да се отфрли секој обид нешто суштински да се промени.

Можете да прочитате

Што се случува со „Алта банка“? Вечерва вонредно „Ноќно студио“ со Кирил Миноски

ХЕРА: Здравјето и безбедноста на децата не смеат да бидат жртва на идеолошки притисоци – образованието мора да се темели на наука, а не на верски убедувања

Почина поранешниот министер и пратеник Самка Ибраимовски