Утрински Весник
Македонија

Одбраната ќе приложи докази, продолжува судењето за „Пулс“

Whatsapp image 2025 12 02 at 09.50.27.jpeg

Во судницата Основниот кривичен суд Скопје во Идризово, денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. 

На минатото рочиште градежните вештаци одговараа на вкрстени прашања од одбраната. Наодите во врска со материјалите употребени во објектот, особено полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, како и реконструкциите и интервенциите врз конструкцијата на објектот, беа во фокусот на испитувањето.

Професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, во својство на вешто лице одговараше на прашања на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, од каде што произлегува констатацијата во вештачењето дека на спуштениот плафон имало полиуретански сунѓер. Марковски притоа посочи дека во објектот не биле пронајдени остатоци од сунѓерот бидејќи целосно изгорел, но дека заклучокот е заснован на фотодокументација, снимки, наодите од другите вештачења и трагите пронајдени во објектот.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработил, како што е најавено, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што одбраната треба да почне со изведување докази. 

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Можете да прочитате

Мицкоски: Со задоволство ќе го угостам Трамп Македонија

ВЛЕН: Кој обвинител му нудел спогодба на Груби?

ВМРО-ДПМНЕ: Нови клинички болници во Штип и Тетово, нов Клинички центар во Скопје, Владата со сериозни инвестиции во здравството