Утрински Весник
Македонија

Левица: ДПМНЕ пресмета дека на четиричлено семејство му биле доволни 3.256 денари за режиски трошоци – нека објаснат по кој ценовник живеат функционерите

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Не им беше доволно на функционерите на ДПМНЕ што граѓаните осиромашуваат под нивна власт, па решија да им изготват и алтернативна математика според која сиромаштијата ќе изгледа како благосостојба! Според владината потрошувачка кошничка, чии податоци беа посочени при гостувањето на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на Сител, месечните трошоци за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за четиричлено семејство изнесуваат 3.256 денари! Би било интересно функционерите на ДПМНЕ да објаснат во кој паралелен универзум ги подмируваат сопствените сметки, по кои тарифи се греат и од кои ценовници се раководеле при изработката на ова економско ремек-дело.


Само сметката за парно греење за стан од 60 квадратни метри во Скопје изнесува околу 2.500 денари. Според математиката на ДПМНЕ, со преостанатите 756 денари едно четиричлено семејство треба цел месец да користи електрична енергија и да ги подмирува останатите трошоци за домување. И тоа во услови кога истата оваа власт ги подготвува граѓаните за трето поскапување на парното во рок од една година и ново поскапување на струјата.

Посебен момент на ароганција е самиот порив на ДПМНЕ да конструира сопствена потрошувачка кошничка наспроти синдикатлната, како дел од војната со синдикатите. Наместо економските политики да ги приспособат на реалните потреби на населението, тие ги приспособуваат пресметките за потребите на населението кон сопствените економски политики. Притоа, од владината кошничка се изоставени киријата, станбените кредити и годишниот одмор. Со методологија која се темели на реализираната потрошувачка, а не на реалните животни потреби, власта практично ризикува сиромаштијата на населението да ја претвори во мерна единица за неговиот животен стандард. Колку помалку граѓаните можат да си дозволат, толку поевтин ќе изгледа животот во владините пресметки.

Лесно е од комфорот на буџетски финансираните привилегии да се прекројуваат егзистенцијалните потреби на македонскиот работник. Политичката каста, чија мобилност, репрезентација и службен комодитет се на товар на јавната каса, си зема за право да му одредува на народот колку вода му е доволно да потроши и колку топол дом може да си дозволи. Додека за вмровскиот комодитет важат пазарните цени, за работничката егзистенција важи владина фантастика.

Левица бара Министерството за економија и труд да ја обелодени целокупната методологија, цените, количините и деталната структура на трошоците врз основа на кои ја изготвило потрошувачката кошничка. Задачата на Владата е да ја намали сиромаштијата, а не статистички да ја преквалификува во пристоен животен стандард. На македонскиот народ му се потребни повисоки плати и пониски сметки, а не владино редактирање на неговата беда!

Можете да прочитате

Филипче: Младите бараат систем, нашата програма се темели на барањата на генерацијата Z

Денеска облачно со дожд, на запад се очекуваат пообилни врнежи

Експерти утврдиле девет непотребни операции на срце, наодите се уште не се кај обвинителите