
Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47%, во однос на претходната одлука од 27 април.
Зголемувањето доаѓа како резултат на растот на референтните цени на светските пазари, каде бензините бележат пораст од 5,324%, дизелот за 2,817%, екстра лесното масло за 3,394%, а мазутот дури за 8,305%. Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар е повисок за 0,3444%, што исто така влијае врз конечната цена.
Во новата пресметка се земени предвид и намалените акцизи – за 4 денари кај дизелот и за 2 денари кај бензините, како и намалениот ДДВ од 10% за бензините, што делумно го амортизира ценовниот раст.
Според одлуката, од 5 мај 2026 година од 00:01 часот, максималните цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 85,00 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 87,00 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 93,50 денари за литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1) – 98,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 49,720 денари за килограм
Со оваа корекција, бензините и екстра лесното масло поскапуваат за 2,5 денари по литар, дизелот за 2 денари, додека мазутот бележи раст од 3,064 денари по килограм.
Од Регулаторната комисија напоменуваат дека станува збор за максимални цени, а трговците имаат можност да ги формираат и пониско во зависност од пазарните услови.

