
Јавното обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени вчера во рамките на истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за проневера на над 180 милиони денари во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои вчера се уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што треба да одлучува по барањата на Обвинителството, а пет се недостапни на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.
Јавниот обвинител Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – ОЈО ГОКК денеска ја оцени вчерашната акција како успешна додавајќи дека петмина од лицата што требало да се приведат не успеале да ги најдат во нивните домови.
– Пет од вкупно 18 не се достапни. Според информациите со коишто располагаме сметаме дека дел од нив се во блиското опкружување. Сметаме дека за брзо време би можело да се појават пред органите на прогон и да кажат нивна теорија и став по однос на сето ова што се води како истрага – изјави Азизи.
Јавното обвинителство донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 18 физички лица и осум правни лица, меѓу кои и двајцата поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.
Ѓорѓиоски и Сејдини, како прво и второ осомничени и трето осомничената Олгица во својство на службено лице – раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ се осомничени дека се сторители на кривично дело „проневера во службата“, додека другите осомничени, како управители на осомничените правни лица, се товарат за помагање на делото проневера во служба, како и за по едно кривично дело „перење на пари и други приноси од кривично дело“. Правните лица во истрагата се опфатени за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Дејствијата се од 2015 до 2019 година со тоа што прво и второ осомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ имаат потпишано вкупно 728 платни налози, коишто им биле доставени од страна на трето осомничената за потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги коишто никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки коишто никогаш не влегле во ФФМ, нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или околу три милиони евра – изјави јавниот обвинител Азизи.
Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои што се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.
– Сите субјекти во поголемиот дел имаат соработка со ФФМ, меѓутоа дел од паричните средства коишто ги имаат добиено на незаконски начин ги имаат вметнато преку Олгица, па истите да бидат реализирани и потпишани од страна на претпоставените, тоа се службените лица во својство на претседатели на ФФМ. Обезбедивме докази во текот на предистражната постапка дека тие услуги за коишто се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Притоа имаме и произнесување од претставникот на ФФМ, како по однос на услугите и стоките, така и по однос на висината на штетата што им е причинета – изјави Азизи.
Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, вчера под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи извршија претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации во Скопје при што од слобода беа лишени 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, додека пет лица во моментов се недостапни за органите на прогон. Муамед Сејдини беше уапсен во април годинава и му беше определен притвор, поради основано сомневање дека сторило кривично дело проневера во служба со парични средства поврзани со изградба на трибина на Стадион “Билјанини Извори” во Охрид.
Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.
Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53.351.209 денари.
– Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер – се наведува во соопштението на Финансиската полиција.
Двајцата поранешни претседатели на ФФМ, иако биле должни да вршат контрола и да обезбедат законито и наменско користење на средствата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од раководителката, овозможувајќи исплата без валидна документација. Со ова, спротивно на Статутот и Правилникот на ФФМ, на федерацијата ѝ нанеле вкупна штета од 180.802.365 денари.
Осомничените управители и сопственици на фирми издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ, врз основа на кои биле изготвувани налозите за исплата. Парите стекнати со кривичното дело потоа биле пуштани во оптек во финансискиот промет за да се прикрие нивното незаконско потекло.


