Тим од обвинители од Јавното обвинителство во текот на вчерашниот ден беше во косовското Обвинителство и оствари директна средба за обезбедување докази во врска со предистрагата поврзана со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше почната предистрагата. Притоа косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци, објавија од Обвинителството.
Како што се додава, во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во Обвинителството во Албанија.
Во меѓувреме, како што информираат од ОЈО, тимот на обвинители продолжува да ги презема сите дејства за целосно испитување на настанот. Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица што би можеле да имаат определени сознанија.
Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, кој се однесува на работата на Клиниката за онкологија.
Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детаљно вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката, кое го вршат тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување.