Утрински Весник
Балкан

Нов инвестициски пакет на ЕУ за поддршка на осум инфраструктурни и еколошки проекти на Западниот Балкан

20240702224407 Big 730x400 16.webp.webp

Со новиот шести инвестициски пакет во рамки на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан, кој се очекува да изнесува 1,2 милијарди евра, се предвидени инвестиции во осум проекти за водоснабдување и канализации, третман на отпадни води, за железничкиот транспорт, како и за зелена трансформација на малите и средни претпријатија.  

Од предвидените осум проекти само оној за Механизмот за иновации и зелена трансформација за поддршка на мали и средни претпријатија и нивните зелени инвестиции е на ниво на регионот на Западниот Балкан и ќе биде посветен за поддршка на иновативни производи и процеси и зелени проекти, како и за ублажување влијанието на климатските промени.  

Од останатите инфраструктурни проекти, како што јави дописникот на МИА од Брисел, пет се во Црна Гора, а по еден во Босна и Херцеговина и Србија.  

Во Црна Гора ќе бидат поддржани проектите за изградба на системи за собирање отпадни води во Никшиќ и во Пљевља, изградба на пречистителната станица и проширување на канализациската мрежа во Улцињ, надградба на водоводниот и канализациски систем во Тиват, надградба на водоводната мрежа во Котор и поврзување на канализациските мрежи на четири населени места од оваа општина со пречистителната станица во Бока Которска, како и подобрување на системот за водоснабдување во Цетиње. 

Во Босна и Херцеговина ќе се инвестира во реализација на Втората програма за водоснабдување и канализации во Република Српска, а во Србија за обнова на пругата на делницата Белград-Велика Плана во должина од 86 километри, со што ќе се овозможи движење на возовите на железничкиот коридор 10 до Ниш со брзина до 200 километри на час. 

Инвестицискиот проект што ќе се реализира во соработка меѓу ЕУ, земјите од Западниот Балкан и меѓународни финансиски институции, вклучува 300 милиони евра грантови од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од земјите членки на ЕУ и Норвешка, кредити од меѓународни финансиски институции и средства од економиите од Западниот Балканот.  

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со новиот пакет од 1,2 милијарди евра од Инвестицискиот план за Западниот Балкан вреден 30 милијарди евра, ЕУ докажува дека испорачува.  

– Зајакнувањето на регионалните врски со квалитетна инфраструктура не зближува, што е и наша крајна цел. Нашите партнери од Западен Балкан ја градат својата европска иднина. Овие инвестиции, заедно со неопходните реформи и пристапот до нашиот единствен пазар, ќе ги подготват економиите на нашите партнери да се приклучат на нашата Унија, нагласи Фон дер Лајен. 

Според еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји овој инвестициски пакет е показател дека Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан се спроведува брзо, со заедничка амбиција за доближување на регионот до ЕУ.  

– Инвестициската рамка за Западниот Балкан направи видлива разлика во последните 15 години, вклучително и помошта на регионот да ги поврзе своите патни, железнички, енергетски и дигитални инфраструктури и да ги преброди енергетската криза и пандемијата на Ковид-19, нагласи Вархеји.  

Тој додаде и дека ЕУ со нетрпение очекува да продолжи да работи со државите од Западниот Балкан, бидејќи има за цел да ја забрза социо-економската конвергенција на регионот како дел од новиот Инструмент за реформи и раст од шест милијарди евра и да овозможи придобивки и за граѓаните и за бизнисите. 

Инвестицискиот пакет беше одобрен од состанокот на Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) одржан претходните два дена.  

Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2021-2027 има за цел да го поттикне долгорочното заздравување на регионот, да ја забрза зелената и дигитална транзиција и да ја поттикне регионалната соработка и конвергенција со ЕУ.

Планот, кој беше усвоен од Европската комисија во октомври 2020 година, предвидува 30 милијарди евра инвестиции за период од седум години, од кои и девет милијарди евра грантови од ЕУ преку ИПА III и пет милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан. 

Досега во рамките на Економскиот и инвестицискиот план, ЕУ одобри програми за реализација на инвестициски проекти во износ до 17,5 милијарди евра, вклучително и 5,4 милијарди евра грантови. 

Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ), пак, е заедничка финансиска платформа лансирана пред 15 години, преку која Европската комисија, финансиските институции, земјите членки на ЕУ и Норвешка ја зајакнуваат соработката во инвестиции во јавниот и приватниот сектор во регионот, со цел поддршка на неговиот социо-економскиот развој и придонес во неговата европска интеграција.  

Покрај тоа што е главен финансиски инструмент за спроведување на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, предвидено е Инвестициската рамка да игра важна улога и во имплементацијата на новиот Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, вреден 

6 милијарди евра, кој има двојна цел – зајакнување на социјалната и економска конвергенција на земјите од регионот со ЕУ и забрзување на процесот на нивно пристапување кон блокот.  

Предвидено е преку ВБИФ да се насочуваат грантовите и заемите во рамки на Механизмот наменети за поддршка на приоритетните инвестиции во транспортот, енергијата, дигиталниот сектор и човечкиот капитал. 

Можете да прочитате

Екс припадник на ОВК уапсен во Македонија – Белград бара екстрадиција, Приштина ослободување

Дачиќ очекува од Македонија да го екстрадира Рамадани

Српската полиција ја опколи Лозница, се трага по напаѓачот на полицајците