Утрински Весник
Балкан

Црна Гора затвори уште две поглавја во преговорите со ЕУ, вкупно 25

Montenegro.jpg

На меѓувладина конференција во Брисел Црна Гора привремено затвори уште две поглавја од преговорите со Европската Унија, со што бројот на затворени поглавја се зголеми на 25 од вкупно 33. Поглавјата 16 – Даноци и 22 – Регионална политика и координација на структурни инструменти се затворени, објави Советот на ЕУ.

Државниот министер за европски прашања на Ирска Томас Бирн оцени, во име на ирското претседателство со Советот на ЕУ, дека денешниот напредок ја потврдува посветеноста на проширувањето на Унијата и дека целта на Црна Гора да ги затвори сите поглавја од преговорите до крајот на годината е сѐ уште остварлива.


Тој изјави дека девет поглавја се затворени за време на ирското претседателство и дека Европската комисија во неодамна објавената мапа на патот оцени дека Црна Гора ги исполнила сите конечни критериуми за затворање на преговорите.

Министерката за европски прашања на Црна Гора Маида Горчевиќ изјави дека успехот се базира на заслуги и дека реформите можат да ги доведат земјите кандидати до членство.

Горчевиќ истакна дека преговорите со Хрватска се решаваат на високо ниво.

„Сакаме да ги решиме сите спорови со Хрватска пред членството и со тоа да докажеме дека нема да создадеме никакви проблеми со приклучувањето кон ЕУ“, рече министерката.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека од почетокот на годината се затворени 13 поглавја и дека Црна Гора е на третото место по бројот на поглавја што се затворени за една година.  

Можете да прочитате

Вучиќ најави оставка од пратеничкото место: „Толку сте ми одвратни што не можам да ве гледам“

Рама: Сосема е јасно дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав

Трагедија во Хрватска: Македонски работник загина при изведување работи на пруга