
Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција засега нема предмет за договорот за организација на прославата на 35 години од независноста, вреден околу 4,8 милиони евра. Ова го изјави шефицата на обвинителството, Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според јавно објавените документи, понудата од стотина страници пристигнала во Државната лотарија на 8 мај. Истиот ден била разгледана, била донесена одлука за избор и бил склучен договорот за организација на прославата.
Прашањето дали ваквиот тек е основа за обвинителска проверка беше поставено откако Хаџи Василева потврди дека обвинителството ќе отвора предмети и по сопствена иницијатива.
„Пак ќе речам, од она што го имам како информација, во моментот нема предмет. Дали буди индиција, ќе видиме во претстојниот период“, одговори Хаџи Василева.
Шефицата на ОЈО ГОКК оцени дека допрениот глас сè почесто е повод за отворање постапки за случаи што предизвикуваат висок јавен интерес. Уште во кампањата за избор на шеф на обвинителството таа посочи дека допрениот глас ги обврзува обвинителите, а во интервјуто објасни дека пријавите од МВР, Финансиската полиција и Царинската управа се дел од редовниот начин на иницирање постапки.
На прашањето дали институциите што поднесуваат пријави практично одредуваат што ќе истражуваат обвинителите, Хаџи Василева рече дека политиката на кривичен прогон ја води обвинителството. Во посложените предмети, особено кога се опфатени повеќе лица, обвинителите се вклучуваат уште во рана фаза и ѝ даваат насоки на правосудната полиција. Таа го посочи МВР како најчест подносител на пријави и најави дека ќе работи на подобра соработка за ресурсите да се насочат кон случаите од најголем јавен интерес.
Како приоритети ги издвои високата корупција и организираните криминални групи. Најави дека обвинителството ќе се фокусира на актуелните случаи, а ќе ги разгледува и постарите настани за кои сè уште е можен кривичен прогон.


