
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk се осврна на актуелните политички случувања во земјава, можната реконструкција на Владата и односите со Бугарија по политичките промени кај источниот сосед.

Николоски откри дека постои сериозен интерес кај дел од опозициските партии, особено од албанскиот политички блок, за приклучување кон владејачкото мнозинство.
„Факт е дека најголем дел од оние кои сега се во опозиција сакаат да станат дел од Владата. Тоа е добар сигнал за нас – значи дека политичките партии препознаваат оти преку учество во оваа влада можат да добијат поголема поддршка кај граѓаните,“ изјави Николоски.
Сепак, тој нагласи дека актуелното владејачко мнозинство останува посветено на партнерството со ВЛЕН и ЗНАМ.
„Премиерот Христијан Мицкоски, како мандатар, ќе направи детална анализа на досегашните резултати пред да се донесат какви било одлуки за нови партнери,“ додаде вицепремиерот.
Во делот на надворешната политика и евроинтеграциите, Николоски ја коментираше и новата политичка состојба во Бугарија по изборот на влада поврзана со Румен Радев.
Тој истакна дека е внимателен во очекувањата за политичкиот дијалог со Софија, но смета дека постои простор за прагматична соработка, особено во инфраструктурата и транспортот.
„Не би сакал да ги кревам очекувањата во однос на политичкиот дијалог за ЕУ, но се надевам на прагматичност. На пример, новиот бугарски министер за транспорт е човек со кого веќе успешно соработувавме за решавање на проблемите со радарите минатата година. Можеме да најдеме многу точки што нè спојуваат во делот на инфраструктурата и транспортот, доколку постои волја и од нивна страна,“ посочи Николоски.

На крајот, вицепремиерот порача дека Владата останува фокусирана на домашните реформи и реализацијата на капиталните проекти, што според него е најдобриот одговор на политичките предизвици и блокади.

