
Патрола на силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина – ЕУФОР, составена од припадници на армиите на Македонија и Турција, вчера попладне спасила две лица од возило што излетало од патот Грачаница – Тузла, соопштија од ЕУФОР БиХ.
Несреќата се случила околу 14 часот, кога патничко возило „фолксваген голф“ изгубило контрола меѓу 24-от и 25-от километар од патниот правец, излетало од коловозот и удрило во дрвја во близина на провалија.
Автомобилот завршил во дијагонална положба, а двете лица во него останале делумно потопени во вода.
„Сведочејќи како патниците се вознемирени, припадниците на патролата на ЕУФОР брзо реагираа на местото на настанот. Двете лица се обидуваа да се извлечат од пропустот, стравувајќи дека возилото може дополнително да пролизга или да се преврти. Група цивили, исто така, реагираше, обидувајќи се да го стабилизира возилото држејќи го за тркалата за да спречи натамошно движење“, се наведува во соопштението.
Од ЕУФОР посочуваат дека поради можните повреди, особено кај жената за која постоело сомнение за скршеници, спасувачкиот тим постапувал со особена внимателност.
„Со користење скала како импровизирана носилка, жената била обезбедена и извлечена од пропустот, со цел да се избегнат дополнителни повреди“, информираа од ЕУФОР БиХ.
Оттаму нагласуваат дека остануваат посветени на безбедноста на граѓаните и ја поздравија брзата реакција и координацијата меѓу припадниците на патролата и цивилите кои помогнале во спасувачката операција.


