Утрински Весник
Македонија

Никола Груевски за авионските инциденти: Искуства од живот и смрт

Img 4290.jpeg

Во својот последен фејсбук статус, Никола Груевски се присети на неколку сериозни авионски инциденти од времето кога бил министер и премиер. По 24 години од првиот инцидент, кога на денот на Мала Богородица експлодирале гумите на владиниот авион при полетувањето од Виена, Груевски опиша како пилотите биле информирани од колегите и како аеродромот во Лондон прогласил вонредна состојба.

Во прилог целосниот текст од фејсбук статусот на Никола Груевски

Работејки како министер и премиер имав повеќе ситуации на повеќе сериозни авионски инциденти со службените авиони на владата, а некој и со комерцијални.

Пред точно 24 години на ден Мала Богородица беше еден од првите такви инциденти, во кои на полетување од Виена за Лондон експлодираа гумите на тогашниот владин авион, за што пилотите беа информирани од пилотот на авионот зад нас, кој чекал ред за полетување. Согласно правилата во авијацијата пилотите веднаш не информираа нас кои бевме патници во малиот владин авион тогаш веќе стар околу 25 години.

Аеродромот во Лондон прогласи целосна вонредна состојба (full emergency)и на пистата останаа само куп пожарни возила и возила на итната помош.

Одкако подолго време пилотите Дрогришки и Рајхал правеа кругови над Лондон за да се потроши горивото бидејќи беше можна експлозија при слетување, дојде моментот за слетување.

Тоа е оној момент кога знаете дека можеби ќе останете жив, а можеби нема, односно дека можеби тој ден е крајот, кобниот ден.
Пилотите ни кажаа дека ситуацијата е крајно сериозна и дека ризикот е многу висок.

За среќа, со божја помош и благодарение на искуството и присебноста на пилотите сѐ заврши добро и без последици.

Слетавме на бандаши. Амбасадорот Стево Црвенковски не чекаше на аеродромот и не извести дека сите авиони и патници биле дислоцирани од пистата бидејќи проценката била дека е можна силна експлозија.
Од тој ден едниот од пилотите празникот Мала Богородица го зема за куќна слава, бидејќи како што кажа, по ризична ситуација до тој момент немал во неговата пилотска кариера.

Но, затоа имаше подоцна.

Еднаш на полетување од Стразбург во авионот на владата почна да свири многу, навистина многу силен и продорен звук а авионот почна да се спушта со брзина како да паѓа, како да тоне. И тогаш помислив дека треба набрзина да направам рекапитулир на животот и да му се заблагодарам на Бог за сѐ.
Одкажал некој дел без кој пилотите до првиот можен аеродром (Цирих) мораа да летаат многу ниско, а во таква ситуација имало огромен ризик да замрзнат крилата во облаците, и….
Подоцна кога се спуштивме на пистата и седнавме некаде на аеродормот, кога се расчу што се случило, уште растреперени од случката прочитавме коментар на нашите политички противници дека сме отишле во Цирих да сме ги однеле куферите со пари во банките. Па така некако од тежок шок, удривме на смеење. Еден од пилотите беше исто така пилот во летот Виена-Лондон.

Во САД одејќи од град во град со комерцијален авион бев сведок на избегнат судар на авион кој слетуваше, во кој бев јас и други од мојот тим, а пред нас некако одеднаш на пистата возеше друг авион. За момент се чинеше дека сударот е неизбежен, но пилотите во последен момент успееја од слетување, да го кренат авионот во правец на полетување и за влакно поминавме над авионот кој комотно возеше на пистата. Веројатно стануваше збор за грешка на контролата на летање. Сударот ќе значеше силна експлозија и веројатно сите патници во истиот момент ќе загиневме.

Еднаш со владиниот авион на лет Брисел – Париз по полетувањето одкажаа 16 меѓусебно поврзани делови, со што авионот стана невидлив за контролата на летање, па пилотите немаше како да примат инструкции за движење и слетување. Мораа да возат визуелно без насоки. Во грч стигнавме до Парис, но контролата на летање во Парис се повика на некои правила во авијацијата и побара од пилотите да се вратиме во Брисел. Повторно благодарение на искуството на пилотите и на Божја волја успешно се вративме и слетавме во Брисел. Едниот беше истиот пилот од првата ситуација во Лондон и втората во Цирих.

Преку протоколот веднаш побаравме од претседателот на Република Франција Никола Саркози средбата да се одложи од планираното во 12 часот за 16 часот, што беше прифатено.
По пристигнувањето со воз од Брисел до Парис и фотографирањето со Саркози, одејќи по скалите во собата за средби Саркози ми рече: “слушнав дека сте имале инцидент со авионот…” Одкако му потврдив, шеговито вели: “мислам дека нема да погрешите ако купите еден француски авион за вашата влада. Многу се добри”.

Вакви или слични инциденти имаше повеќе, но кога Бог има некои други планови, се завршува добро.

Честит празник Мала Богородица!

Пожелувам здравје и среќа секому, особено кога летате со авион🙂

Можете да прочитате

Средба на Тошковски и Јанев со полициските аташеа: Продолжуваме со интензивната полициска соработка во сите области

Поради немање кворум, одложен изборот на Христовски за асистент

Доцнат повеќе социјални додатоци, граѓаните гневни чекаат по банките, надлежните повикуваат на разбирање