
Судската независност не е право на неизвршување на конечните и извршни одлуки на Уставниот суд
Пишува: Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Полемиката што се отвори по Решението И.бр.1/2026 на Уставниот суд од 22 јули 2026 година одамна го надмина конкретниот предмет. Таа го отвори многу посуштинското прашање: што воопшто значи уставната определба дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни?
Со Решението И.бр.1/2026 Уставниот суд утврди дека неговата претходна Одлука БЗСП.бр.8/2025 од 24 септември 2025 година не била извршена со Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје. Решението е доставено до Јавното обвинителство, Судскиот совет и Основниот граѓански суд Скопје „за понатамошно постапување“.
Значи, не станува збор за неформално писмо, туку за формален акт донесен врз основа на член 91 од Актот на Уставниот суд („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115 од 31 мај 2024 година).
По ова следуваа реакции дека ваквото постапување може да навлегува во судската независност. Членката на Судскиот совет Сузана Јошевска-Анастасовска јавно постави прашање дали квалификувањето на толкување на процесен закон од страна на редовен судија како „неизвршување“ на одлука на Уставниот суд, особено во, според неа, сè уште незавршена постапка, може да претставува проблем од аспект на судската независност и можен институционален притисок.
Тоа е легитимна тема за стручна расправа. Но мојата позиција е принципиелно поинаква. Овде не се брани Уставниот суд како институција. Се брани Уставот, хиерархијата на правниот поредок и владеењето на правото.
Ако Уставот определил дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, тогаш тие не можат да бидат сведени на правни мислења што другите институции ќе ги почитуваат само доколку се согласуваат со нив.
Уставот не е препорака
Појдовната точка мора да биде член 8 од Уставот, кој владеењето на правото го утврдува како темелна вредност на уставниот поредок. Потоа доаѓа член 51, кој е подеднакво јасен: законите мора да бидат во согласност со Уставот, а секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Ова не е декларативна норма. Тоа е основата на нормативната хиерархија.
Уставот е над законот.
Закон, вклучително и процесен закон, не може да се толкува така што ќе го лиши од практично дејство она што Уставот непосредно го гарантира. Член 108 го определува Уставниот суд како орган кој ја штити уставноста и законитоста, а член 110 му доверува и непосредна заштита на определени слободи и права, меѓу кои слободата на мислата и јавното изразување на мислата. И потоа доаѓа клучната норма. Член 112 став 3 од Уставот гласи: „Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.“
Одредбата е недвосмислена. Никаде не пишува дека одлуките се препорачливи. Не пишува дека нивното извршување зависи од согласноста на друг орган. И не пишува дека редовен суд може да процени дали ќе им даде правно дејство. Пишува: конечни и извршни.
Токму тука е центарот на целата полемика. Судската независност не е независност од Уставот. Никој сериозен правник не смее да ја релативизира независноста на судството. Таа е суштинска гаранција на демократската правна држава.
Но независноста мора правилно да се разбере.Амандман XXV на Уставот вели дека судовите се самостојни и независни, но во истата одредба јасно стои дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Оттука произлегува суштинската разлика. Судската независност го штити судијата од политичката власт, од партиските центри, од деловните интереси, од други институции и од секој обид некој да му наложи како да одлучи во конкретен предмет. Но таа не создава независност од Уставот.
Затоа мора да разграничиме две сосема различни ситуации.
Прво, да му се наложува на судија како да пресуди е недозволен притисок и второ, да се бара почитување на конечна и извршна одлука на Уставниот суд е барање да се почитува уставниот поредок. Овие две работи не смеат да се изедначуваат.
Уставниот суд не си измислил надлежност да го следи извршувањето
Особено е важно да се разјасни впечатокот дека Уставниот суд самоволно решил да интервенира во работата на редовниот суд. Член 113 од Уставот предвидува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд да се уредуваат со акт на самиот Суд. А Актот на Уставниот суд е прецизен.
Според член 81, одлуките на Судот се конечни, извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти. Член 85 предвидува тие да се извршуваат без одлагање. Според член 86, Уставниот суд по службена должност го следи нивното извршување. Член 89 став 2 определува кој ја извршува одлуката кога е утврдена повреда на право од член 110 алинеја 3 од Уставот, додека членовите 90 и 91 предвидуваат механизми за обезбедување на извршувањето и можност Судот формално да утврди дека неговата одлука не е извршена и да ги извести надлежните органи. Токму тој механизам е применет во И.бр.1/2026.
Затоа може да се дискутира за моментот во кој Уставниот суд реагирал. Може да се полемизира и за делови од неговото образложение. Но многу потешко може правно да се брани тезата дека Уставниот суд нема право да го следи извршувањето на сопствената одлука. Напротив, според неговиот Акт, тој има должност по службена должност да го следи нејзиното извршување.
Ако нема правен ефект, што тогаш значи „извршна“?
Конкретниот случај најдобро го покажува проблемот.Со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 Уставниот суд утврдил повреда на слободата на јавно изразување на Наташа Стојановска, сторена со Пресудата 3 П4-240/22 од 15 јуни 2022 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-3340/22 од 19 декември 2024 година на Апелациониот суд Скопје.
Судот притоа, повикувајќи се на член 57 став 2 од својот Акт, оценил дека неговата одлука претставува основа подносителката своите права да ги реализира пред надлежните судови.
Кога било побарано повторување на постапката, Основниот граѓански суд го отфрлил предлогот, оценувајќи дека основите за повторување се таксативно определени во член 392 од Законот за парничната постапка и дека одлуката на Уставниот суд не може да се подведе под „нов факт“ или „нов доказ“ од точката 9. Судот посочил и дека законодавецот во член 400 од ЗПП изречно предвидел посебен основ за повторување по пресуда на Европскиот суд за човекови права, но не и идентична одредба за одлука на Уставниот суд.
Токму тука се судираат процесниот формализам и уставната извршност. Ако прифатиме дека непостоењето изречна процесна одредба е доволно една конечна и извршна одлука на Уставниот суд да остане без практична последица, тогаш мора да го поставиме едноставното прашање: Што останува од зборот „извршни“ во член 112 став 3 од Уставот?
Не може Уставот да зависи од тоа дали законодавецот навреме предвидел совршена процесна техника за негово спроведување. Напротив, законите мора да се толкуваат во согласност со Уставот. Правната празнина не може да стане механизам за суспендирање на Уставот.
Претходната судска практика го проблематизира аргументот дека „не може“
Овде постои уште еден силен аргумент. Во Решението И.бр.1/2026 самиот Уставен суд наведува дека по неговата Одлука У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, Основниот граѓански суд Скопје во друг правосилно завршен предмет ја прифатил одлуката на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката според член 392 став 1 точка 9 од ЗПП. Уставниот суд понатаму наведува дека ваквиот пристап бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 7 ноември 2024 година. Ова е важно затоа што покажува дека тезата оти процесниот закон апсолутно не дозволува ефективно спроведување на ваква одлука не е единственото можно правно толкување. Редовните судови, според официјално наведената практика во И.бр.1/2026, претходно веќе нашле правен пат.
Оттука се отвора и прашањето на правната сигурност:Зошто едно уставно усогласено толкување е можно во еден предмет, а невозможно во друг?
Најсилниот контрааргумент: незавршената постапка
За стручната полемика да биде чесна, мора да се признае и најсилниот аргумент на спротивната страна.Јошевска-Анастасовска потенцира дека, според нејзиниот јавен став, редовната судска постапка сè уште не била завршена. Слична загриженост изразува и судијата Фатмир Скендер во издвоеното мислење по И.бр.1/2026. Оттука е легитимно да се праша дали Уставниот суд требало да почека второстепениот суд да се произнесе пред формално да утврди неизвршување и да го испрати предметот до други органи. Тоа е сериозно процесно прашање.
Но неговиот домет мора точно да се одреди. Дури и ако некој смета дека Уставниот суд реагирал прерано, од тоа не следува дека Уставниот суд нема право да реагира.
Едното е прашање на моментот и процесната воздржаност. Другото е прашање на уставната и нормативно утврдената надлежност за следење на извршувањето. Тие не смеат да се мешаат.
Кривичната одговорност: без пресуди однапред
Посебна чувствителност бара член 377 став 3 од Кривичниот законик.
Во И.бр.1/2026 Уставниот суд ја наведува одредбата според која службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд што е должно да ја изврши се казнува со затвор од една до пет години. Тоа е важна норма, но мора правилно да се чита.
Не секое неизвршување автоматски е кривично дело.
Треба да се утврди кој бил должен да ја изврши одлуката, дали постоело одбивање во кривичноправна смисла, потребниот субјективен однос и сите останати законски обележја на делото.
Уставниот суд не може да утврди индивидуална кривична вина. Ниту Судскиот совет може да ја замени кривичната постапка. За тоа се надлежни Јавното обвинителство и надлежниот суд. Токму затоа испраќањето на решението до Обвинителството не значи дека некој веќе е прогласен за сторител. Тоа значи дека институцијата надлежна за кривично гонење треба самостојно да оцени дали воопшто постои основ за понатамошно постапување.
Судискиот имунитет мора целосно да се почитува
На ова се надоврзува Амандман XXVII. Тој изречно гарантира дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Оваа гаранција е суштинска и не смее да се релативизира.
Затоа во конкретниот случај не смее однапред да се тврди дека судија сторил кривично дело само затоа што донел определено решение. Но исто така не треба однапред да се затвори секоја институционална проверка со едноставната формула дека сè што е содржано во една судска одлука нужно и безусловно е надвор од секоја можност за правна оценка.
Потребно е внимателно разграничување меѓу заштитеното судиско мислење и независното одлучување, од една страна, и евентуалното исполнување на законските обележја на одбивање да се изврши конечна и извршна одлука, од друга. Таквото разграничување не се прави преку медиумски квалификации, туку во законски предвидена постапка, со целосно почитување на судискиот имунитет.
И Уставниот суд не е над стручната критика
Потребно е да се каже и ова. Во И.бр.1/2026 мнозинството изнесува став дека конечноста, извршноста и задолжителноста се однесуваат не само на диспозитивот, туку и на правните стојалишта содржани во образложението. Опсегот на обврзувачката сила на образложението, наспроти несомнената обврзувачка сила на диспозитивот, е прашање за сериозна доктринарна расправа.И не гледам причина тоа да се премолчува.
Одбраната на принципот на извршност на уставносудските одлуки не значи дека секоја реченица од образложението на Уставниот суд мора да биде прогласена за доктринарно неспорна. Но евентуалната критика на тој дел не ја урива суштината.
Остануваат член 112 став 3 од Уставот, член 110, механизмот од членовите 81 и 85–91 од Актот и самата обврска една утврдена повреда на уставно право да добие ефективна правна последица.
„За понатамошно постапување“ не е наредба за санкција
Проблематизирана е и формулацијата со која предметот е доставен до Судскиот совет „за понатамошно постапување“. Но Уставниот суд не му наредил на Судскиот совет да разреши судија. Не определил дисциплинска санкција и не утврдил кривична вина. Тој доставил акт до институција која има сопствени уставни надлежности.
Амандман XXIX изречно предвидува дека Судскиот совет ја следи и оценува работата на судиите, одлучува за нивната дисциплинска одговорност и за одземање на имунитетот, како и дека врши други работи утврдени со закон.
Затоа самото известување на надлежен уставен орган не може автоматски да се изедначи со недозволен притисок.Советот е тој што самостојно треба да утврди дали има или нема основ за какво било понатамошно постапување.
Судскиот совет треба да биде особено внимателен
Токму затоа јавните настапи на членовите на Судскиот совет во предмет што веќе му е доставен на Советот бараат посебна институционална воздржаност. Секој член има право на стручен став. Но кога конкретен предмет треба институционално да се разгледува, однапред јавно изнесените квалификации можат да отворат прашање за перцепцијата на непристрасноста, независно од тоа дали формално постојат услови за изземање.
Судскиот совет не треба однапред да застане ниту во одбрана на судијата ниту во напад на Уставниот суд. Треба да ги испита фактите, да го примени правото и потоа да одлучи. Така функционира независна институција.
Законодавецот мора конечно да ја затвори правната празнина
Целиот случај открива и една системска слабост што не треба да се прикрива.
Законот за парничната постапка треба експлицитно да предвиди јасен механизам за отстранување на последиците кога Уставниот суд ќе утврди дека со правосилна судска одлука е повредено право кое тој непосредно го штити според член 110 алинеја 3 од Уставот. Тоа ќе ја зајакне правната сигурност и ќе ги заштити граѓаните.
Истовремено ќе ги заштити и судиите од ситуации во кои мораат преку толкување да пополнуваат законски празнини и ќе ги намали можностите за идни институционални судири меѓу Уставниот суд и редовното судство.
Но додека законодавецот не ја отстрани празнината, важи основното правило: Законот мора да се усогласува со Уставот, а не Уставот со недостатоците на законот.
Кој преседан е навистина опасен?
Критичарите предупредуваат на можен опасен преседан за судската независност.
Јас, пак, опасниот преседан го гледам на другата страна.Што би било поопасно за една правна држава? Уставниот суд да реагира кога смета дека неговата конечна и извршна одлука не е спроведена? Или да воспоставиме практика во која секој орган што треба да ја спроведе може, со повикување на сопствено толкување на закон или на својата институционална независност, фактички да ја остави без правен ефект?
Ако го прифатиме второто, тогаш конечноста и извршноста зависат од волјата на оној кому одлуката му е упатена. А тогаш тие повеќе не се ниту конечност ниту извршност. Тие стануваат препорака.
Уставниот суд не е советодавно тело. Не се брани една институција – се брани уставниот поредок,
Затоа целата полемика мора да се врати таму каде што ѝ е местото: во Уставот.
Не е суштинско дали некој се согласува со секое образложение на Уставниот суд. Не е суштинско ниту дали конкретен судија имал поинакво процесноправно гледиште.
Суштинското прашање е: Имаат ли конечните и извршни одлуки на Уставниот суд задолжително и ефективно правно дејство или немаат? Ако имаат, државниот систем мора да обезбеди нивно извршување. Ако немаат, тогаш зборовите „конечни и извршни“ во член 112 став 3 се лишени од својата суштинска правна содржина.
Судската независност мора бескомпромисно да се брани. Но исто толку бескомпромисно мора да се брани и Уставот. Затоа треба јасно да се каже:
Судската независност не е независност од Уставот.Судискиот имунитет е гаранција за независно одлучување, а не основ однапред да се исклучи секоја институционална проверка. Процесниот закон не може да биде над Уставот. Правната празнина не може да ја суспендира извршноста на уставносудската одлука.
И барањето да се изврши конечна и извршна одлука на Уставниот суд само по себе не претставува притисок врз судството. Тоа е барање да функционира правната држава.
Во правната држава никој не е над Уставот. Ниту Владата, ниту Собранието, ниту Обвинителството, ниту Судскиот совет, ниту редовните судови. Ниту, впрочем, самиот Уставен суд.
Но кога Уставниот суд, во рамките на својата уставна надлежност, ќе донесе одлука која Уставот ја прогласува за конечна и извршна, ниту еден друг орган нема право со сопственото постапување да ја претвори во необврзувачко мислење.
Затоа ова не е одбрана на една институција. Ова е одбрана на владеењето на правото од член 8. Ова е одбрана на хиерархијата на правниот поредок од член 51. Ова е одбрана на уставната функција утврдена во членовите 108 и 110. Ова е одбрана на конечноста и извршноста од член 112.
Ова е одбрана на Уставот. Зашто држава во која конечната и извршна одлука на нејзиниот Уставен суд може да остане без ефективно правно дејство нема само проблем со извршувањето на една судска одлука. Таа има проблем со извршувањето на самиот Устав.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



